Грција мора да ги подготви своите вооружени сили за можна „нестабилност“ по завршувањето на последниот мандат на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, изјави вечерва грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас.

„Што ќе се случи со Турција кога Ердоган ќе замине? Ние не знаеме. Турција не е статична земја“, изјави Дендиас во интервју за грчкиот весник „Катимерини“.

„Секогаш има нестабилност кога ќе замине моќен лидер со долг мандат… Тоа значи дека треба да бидеме подготвени пред 2030 година“, рече тој.

Според него, Грција е опкружена со „многу извори на нестабилност кои бараат модерни вооружени сили“.

По долгогодишни тензии околу имиграцијата, енергетските права и суверенитетот над Егејското Море, Грција и Турција ги продолжија разговорите на високо ниво минатиот месец за време на посетата на Ердоган на Атина, негова прва од 2017 година.

Грција има голем буџет за одбрана и нарача борбени авиони Ф-35 од американско производство од повеќе милијарди евра, француски авиони Рафал и фрегати Белхара.

Дендиас рече дека има „децениска дисфункција“ во грчката авијација, дека на воздухопловните сили им недостигаат транспортни авиони и најави дека Атина сега ќе одвои дел од својот буџет за одбрана за оружје од грчко производство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.