Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар денеска оцени дека главен проблем во Босна и Херцеговина е корупцијата, која, според него, е покриена со поимот национални интереси.

Во интервју за хрватскиот Н1, Ескобар рече дека САД веруваат дека има простор за преговори, флексибилност и компромис за ограничените измени на уставот и изборното законодавство во БиХ.

И ние мислиме дека изборите треба да се одржат оваа година. Изборите се многу важен дел од демократскиот процес и демократската еволуција. Затоа, ги охрабруваме сите страни да бидат флексибилни и отворени и да се приклучат на преговорите со добра волја, рече тој.

На прашањето дали поимот национални интереси се користи за да се прикрие корупцијата Ескобар вели – „Апсолутно“.

Ако ги погледнете проблемите што ги има БиХ, проблемот не е што луѓето не сакаат соживот со Хрватите, Бошњаците или Србите. Угледните анализи, како онаа на Транспаренси Интернешнл, покажуваат дека Босна и Херцеговина е најкорумпираната земја на Западен Балкан и речиси најкорумпираната земја во Европа. Значи, тоа е најитниот проблем.

Како што оцени тој, нефункционалноста ја храни корупцијата и создава можности за поголема корупција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.