Србија е слободна да склучува трговски договори со други земји или организации пред да влезе во Европската унија, „под услов тоа да не биде на штета на одредбите од Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Србија“, изјави денеска портпаролот на Европската комисија Петер Стано, јави дописникот на МИА од Белград.

Осврнувајќи се на најавата на Договорот за слободна трговија меѓу Србија и Кина, Стано во изјава за агенцијата Бета додаде дека „како дел од преговорите за членство во ЕУ, Србија има обврска да се повлече од сите билатерални договори за слободна трговија на денот на пристапувањето во Унијата“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ по разговорот со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг изјави дека таков договор треба да биде потпишан до крајот на годинава, нагласувајќи дека тој значително ќе ја зголеми трговската размена меѓу Србија и Кина и дополнително ќе привлече странски инвеститори во Србија.

Портпаролот на ЕК истакна дека „ЕУ е најважниот трговски и инвестициски партнер на Србија“.

Според Стано, „Србија во 2020 година, 61 отсто од нејзината трговија имаше со Европската унија, со многу поволна динамика на раст, додека уделот на Кина во надворешната трговска размена изнесуваше осум отсто“.

Кога станува збор за странските директни инвестиции (ФДИ) во Србија, учеството на компаниите од ЕУ беше 69 отсто, додека директните инвестиции од Кина беа 3,5 отсто, изјави портпаролот на ЕК.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.