Тамара Качар Новковиќ (50), една од најголемите стручњаци за ДНК анализа во Србија, која, како што се претпоставува, вчера се самоубила скокајќи од петтиот кат од зградата во која живеела во Вождовац во Белград, според нејзините познаници, психички заболела пред две години. Причината за тоа, како што тврдат, биле притисокот и тортурата што ги преживувала од страна на поранешната државна секретарка во МВР Дијана Хркаловиќ.

Поранешната државна секретарка ѝ го направи животот хаос. Беше една од најдобрите во својата работа, а стана сенка. Сè што ѝ правеа доведе до тоа жената да се разболи психички. Последниве две години се лекуваше, беше свесна за својот проблем, затоа никој не може да разбере што се случи вчера и зошто реши да крене рака кон себе, вели нејзин сосед за српски „Курир“.

Нејзините проблеми во Националниот криминалистичко-технички центар на МВР, велат тие, започнале кога во 2019 година вештачела за случајот познат како „Дурмитор“.

Станува збор за случај од 1 јуни 2017 година, кога во ресторанот „Дурмитор“ беа уапсени лица од тогашното полициско раководство блиски до Шкаљарскиот клан. Меѓу нив бил и Милош Ниловиќ Руњо, кој  всушност бил главна цел на апсењето. Тамара Качар била ангажирана да обезбеди стручни ДНК траги од оружјето што тогаш го нашла полицијата. Наводно, Хркаловиќ, за која се вели дека е блиска до ривалите на Шкаљарците – Кавачккиот клан, била незадоволна од резултатите, односно тоа што на пиштолот Качар не нашла траги од Милош Ниловиќ Руњо. Ниловиќ тогаш бил ослслободен, а подоцна преживеал два обиди за атентат.

По сведочењето пред судот, Тамара од Националниот криминалистичко-технички центар е префрлена во Секторот за вонредни состојби, во кој се оди „по казна“. Сепак, тоа не е најлошото што ѝ се случи. Дијана наводно ангажирала „свои“ полицајци да ја следат, а ја демнеле и луѓе од подземјето. Ги гледаше, и затоа беше под постојан притисок и страв. Дури и кога следењето престана, не можеше да се опушти, постојано гледаше наоколу, тоа ја разболи. Се плашеше за себе и за животот на своето семејство, отиде толку далеку што жената буквално психички оболи, додава соговорникот на Курир.

Според српскиот портал „Република“, уште еден вештак кој сведочел во случајот „Дурмитор“, Анѓелка Вучетиќ Драговиќ, е сменета од позицијата шеф на лабораторијата за ДНК, откако сведочела.

Решението за смена на Анѓелка ѝ беше врачено истиот ден кога се вратила во канцеларија по сведочењето за случајот „Дурмитор“, пишува овој портал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.