Европската комисија ја поздрави усогласеноста на Македонија и Албанија со санкциите на ЕУ против Русија, но не размислува за таргетирани финансиски компензации за двете држави.

ЕУ е многу благодарна цени и поддржува што Македонија и Албанија се усогласени со санкциите, ова се две земји кои не ги почнале преговорите, а стопроцентно се усогласени со санкциите. ЕУ ова многу го цени – изјави портпаролот Петер Стано.

За разлика од Македонија и Албанија, Србија, која веќе преговара со ЕУ, не ги следи санкциите на ЕУ, а во други земји во регионот, како Црна Гора, чија економија е поврзана со руската, би можеле да одлучат до летото да ги олеснат санкциите кон Москва за да ги ублажат последиците врз домашните економија.

Стано, прашан за ова, одговори дека од земјите кандидати се очекува да се усогласат со санкциите и дека Европската комисија го цени фактот што Србија и Турција, кои не ја санкционираа Русија, ја поддржале резолуцијата за осуда на руската инвазија на Украина во Обединетите Нации.

Што се однесува до компензации за земјите кандидати кои се усогласени со санкциите на ЕУ, Европската комисија одговори дека тоа не е предвидено и дека веќе постојат фондови за поддршка на земјите од Западен Балкан.

Европската комисија додаде дека усогласувањето со санкциите против Русија има за цел да ја парализираат руската економија за да не може да се финансира војната во Украина, како и да се испрати порака за заштита на меѓународниот правен поредок.

Во меѓувреме низа европратеници испратија писмо до Европската комисија за да ги замрзне преговорите со Србија поради тоа што не ги следи санкциите на ЕУ.

Комисијата денеска потврди дека го добила писмото и дека навремено ќе одговори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.