Пораките и предупредувањата кои во изминатите денови ги испраќа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, доцна синоќа, одлучи да ги повтори, но на грчки јазик, преку неговиот официјален „Твитер“ профил, при што ја предупреди Грција „да се вразуми“.

На таквата порака на Ердоган, одговори портпаролот на грчката Влада, кој порача дека грчкиот е јазик на логиката, слободата и правото, додека пак лидерот на СИРИЗА на Ердоган му одговори на турски јазик.

Уште еднаш ја предупредуваме Грција да се вразуми, да се држи настрана од соништа, реторики и постапки кои ќе ја доведат до резултати за кои ќе се кае, како што се случи пред еден век – порача на грчки јазик Ердоган.

Преку неколку твита, сите на грчки јазик турскиот претседател ги повтори ставовите дека „Турција не ги прекршува правата и законите на никого, но не дозволува ниту кршење на нејзините права и закони од никого“. Тој порача и дека Грција иако е членка на ЕУ „продолжува да го угнетува турското малцинство што живее во Западна Тракија, на Родос и Кос“, но и дека Турција нема да се откаже од нејзините права во Егејското Море и „нема да се двоуми да ги искористи правата признати со меѓународните договори за демилитаризација на островите“.

Обидот за инструментализирање на НАТО и трети земји, нивно вклучување во незаконитоста на разни воени вежби на острови со немилитаризиран режим, е само обид кој ќе има катастрофален крај – порача турскиот претседател.

Ердоган се осврна и на малиот грчки остров Мегисти (Кастелоризо).

Важноста да се бара поморска јурисдикција од 40.000 километри квадратни за Мегисти лоциран во источниот Медитеран и на помалку од два километри од копното на турската земја, додека од копното Грција над 600 километри, ја оставаме на разумноста на меѓународната заедница – изјави Ердоган.

За ставовите на турскиот претседател, следеше реакција од портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, кој, меѓу другото, рече дека е „импозантно е што претседателот Ердоган одбрал да се изрази на грчки јазик“.

Познато е дека грчкиот е јазик на логиката, слободата и правото. Оние на кои им е мајчин јазик и западниот свет многу добро го знаат тоа. Тактиката што ја избра Турција не спаѓа во ниту една од овие верзии – изјави Иконому.

Лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, преку „Твитер“, но на турски јазик порача дека Грција ќе го заштити својот суверенитет пред секаква закани и повика да запрат провокациите и „да се вратиме на дијалог врз основа на меѓународното право“.

Одговорот на економската криза со која сите се соочуваме не е национализмот – напиша Ципрас.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.