Додик, кој престојуваше во Санкт Петербург и таму се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, ги потврди плановите за организирање референдум за отцепување во изјава за агенцијата ТАСС објавена во петокот.

„Сè уште не е одреден конкретен ден. Треба да се направат многу истражувања, треба да се направи анализа. Ние би сакале да го направиме тоа сега, но има уште две страни кои се вклучени во ова прашање. Се разбира, потребно е време“, изјави Додик.

Република Српска може да ѝ се придружи на Србија по нејзиното идно отцепување од Босна и Херцеговина, изјави Додик за ТАСС.

„Да, најверојатно би било природно, апсолутно историски оправдано, кога земјите каде мнозинството од населението го претставува српскиот народ да се обединат во една структура и заедница, но тоа е задача на идните генерации и политичките одлуки на двете земји“, рече тој во интервју за ТАСС на маргините на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург (СПИФ).

Додик го наведе примерот со обединувањето на Источна и Западна Германија, и во двете „германскиот народ живееше слободно“ и формираше мнозинство. „Потоа, се разбира, тие се обединија на апсолутно историски оправдан начин“, додаде лидерот.

Тој рече дека сега односите меѓу Србите „покажуваат дека тие сакаат да живеат слободно и да формираат мнозинство во Република Српска“. „Во Република Српска, мнозинството Срби живеат меѓу нации кои исто така живеат слободно (на нејзина територија). Исто така, во Србија денес Србите го сочинуваат мнозинството од населението во земјата“, рече Додик.

Тој за руската агенција изјави дека сега најважно е да продолжи тој „преговарачки процес“, додавајќи дека во РС се сигурни дека во оваа фаза веќе има доволно „историска, општа цивилизациска зрелост и разбирање дека тоа треба да се случи и ќе се случи“.

Додик ја покрена иницијативата за „разединување“ откако Генералното собрание на ОН во мај усвои резолуција со која трајно потсетува на геноцидот во Сребреница во 1995 година, што беше извршен врз Бошњаците од страна на припадници на војската и полицијата на босанските Срби.

Тој тврди дека со таа резолуција Србите се прогласени за геноциден народ и затоа веќе немаат причина да живеат во иста држава со Бошњаците. Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, претходно му порача на Додик дека „зборува глупости“ кога предлага разединување, бидејќи од тоа сигурно нема ништо да се случи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.