Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, најави дека Владата и другите институции на Република Српска (РС) ќе ги отфрлат сите програми креирани во РС од страна на Велика Британија.

Можеби ќе го смениме Законот за јавна администрација што го состави Велика Британија и ќе направиме наш закон за јавна администрација – изјави Додик за АТВ.

Додик изјави дека санкциите што Велика Британија ги воведе за него и за претседателката Жељка Цвијановиќ, директно не навлегуваат во дејтонскиот статус на Република Српска, но дека тоа ќе доведе до уште поголеми проблеми во БиХ, пренесе РТРС.

Додик забележува дека во британскиот парламент и јавниот живот се имаат пробиено неколку Бошњаци кои влијаат на носењето одредени одлуки, а најпознат експонент на таа политика е Арминка Хелиќ, која стана бароница и која, како што вели Додик, ги собира сите против Србите.

Тој потсетува дека Хелиќ ја спонзорирала британската резолуција во Обединетите нации, која требаше да го прогласи српскиот народ за геноциден.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.