Потрошувачките цени во Црна Гора се зголемени во јули за 14,9 отсто на годишно ниво, покажуваат новите прелиминарни податоци на Управата за статистика, Монстат.
Ова е исто така нова рекордна вредност од 2008 година, кога Монстат го објавува индексот на потрошувачките цени како меѓународна мерка за инфлација, како и од воведувањето на еврото во Црна Гора во 2002 година, кога движењето на цените на мало беше искористено за пресметување на инфлацијата, соопштува Bankar.me.
Ова е четврти последователен месец како во Црна Гора се забележува таканаречена галопирачка инфлација, односно двоцифрен раст на потрошувачките цени на годишно ниво, вели порталот.
Според новите податоци, од јули минатата година до истиот месец во 2022 година, најдрастично поскапување е забележано кај цврстите горива, за 49,9 отсто, потоа нафтата за 37,6 отсто и зеленчукот за 35,8 отсто.
Истовремено поскапеле лебот и житариците за 33,3 отсто, горивото за 32,2 отсто, млекото и јајцата за 29,3 отсто, услугите за сместување за 29 отсто, одржувањето на становите за 25,3 отсто, а медот и шеќерот за 22,6 отсто.
Значителен раст забележаа и цените на месото (16,6%), овошјето (14,1%), патниот транспорт (13,4%) и ресторанските услуги (10,3%).
Од друга страна, најмногу паднале водоснабдувањето, за 7,5 отсто, туристичките аранжмани за пет отсто, канализацијата за 4,8 отсто и аудио-видео опремата за 4,5 отсто.
На месечна основа, растот на инфлацијата во Црна Гора во јули изнесува 1,5 отсто.
Во периодот јануари-јули годинава, во однос на истиот период од 2021 година, потрошувачките цени се зголемени за 10,5 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.