Во центарот на српската престолнина, во државниот Правен факултет во Белград, беше отворена „научна изложба“ која има за цел да го открие бугарскиот геноцид врз Србите, бугарските воени злосторства, како и бугарските масакри врз Србите во Македонија, јави дописникот на БГНЕС од српската престолнина. „Изложбата“ открива и за десетици илјади убиени и 60.000 депортирани од бугарските Срби, опиша репортерот на БГНЕС.

Ставајќи го зборот изложба во наводници кои значат оградување од неговото значење и кредибилност, бугарските новинари известуваат дека изложбата е отворена вчера и е насловена како „Бугарските воени злосторства во окупирана Србија 1915-1918 година“.

На презентацијата говор имал директорот на „Музејот за жртвите на геноцидот“ Дејан Ристиќ. Настанот беше поддржан од Министерството за култура.

Со овој чин се потврдува државната идеологија на сатанизирање на се што е поврзано со Бугарија, која е на власт во Србија од крајот на 19 век, констатира новинската агенција во својот напис.

Извештајот продолжува со ставање во наводници на „масовните и разновидни брутални злосторства извршени од бугарската регуларна армија, како и од полицијата и цивилните бугарски окупатори на територијата на Кралството Србија во периодот 1915-1918 година“.

Според организаторите на ‘изложбата’, не постои меѓународно право и закон што Бугарите не ги прекршиле, па дури и Германците, кои официјално протестираа, биле шокирани од депортацијата на српското население, пишува БГНЕС.

На отворањето на изложбата во Белград било речено и дека насекаде во Србија и Македонија на мета на Бугарите биле свештениците, учителите, професорите, политичарите, адвокатите, државните службеници, вклучително и пензионери, трговци, при што организаторите им поделиле на присутните и брошури.

БГНЕС понатаму изнесува и дека за Македонија во таа изложба се тврди дека злосторствата ги правеле месните македонски комитети кои биле поддржани од бугарската администрација и дека сето тоа имаше за цел „бугаризација на цивилното население во Македонија“ и „уништување на српската култура таму – забрана на српскиот јазик, конфискација на црковниот имот и градење на бугарски идентитет во Македонија“.

Насекаде властите беа одговорни за грабежи, мачење, уцени и пред се силување жени, откриваат откривачите на бугарските ѕверства, вели написот во БГНЕС ставајќи оградувачки наводници во зборовите „бугарски ѕверства“.

Според изложбата, тоа најчесто се случувало во Поречје во Македонија.

Се уште не е јасен точниот број на жртви меѓу српското цивилно население под бугарска окупација, но едно е јасно, дека се работи за истребување и бугаризирање на јужна Србија и денешна Македонија, пишувало во документите кои биле дистрибуирани на Правниот факултет во Белград, јавува БГНЕС во циничен тон ставајќи го во наводници и зборот „документи“, со цел да ја опише изложбата како произволна и паушална која не се темели на историски податоци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.