Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ изјави денес дека Србија не блефира кога вели дека постои можност да излезе од Советот на Европа, доколку таа организација го прими Косово како членка, јави дописникот на МИА од Белград.

Брнабиќ реагираше на размената на пораки на социјалната мрежа Х меѓу известувачот на Европскиот парламент за Косово Виола фон Крамон и германскиот новинар Михаел Мартенс, кој оцени дека Србија блефира кога се заканува дека ќе излезе од Советот на Европа.

-Блеф се разбира. Србија секако нема да замине. Членовите на Советот на Европа сами ќе одлучат кого ќе прифатат. Не знам што говори против членството на Косово, напиша Фон Крамон во реакција на објавата од Мартенс кој се прашува дали Западот ќе падне на блефот на Александар Вучиќ.

Брнабиќ изјави дека „треба да знаат нешто за лажењето и блефирањето, бидејќи директно лажеле за формирањето на Заедницата на српските општини, која е столбот на Бриселскиот договор“.

Таа им порача на Виола фон Крамон и Мартенс дека, што се однесува до Србија, таа не блефира.

-Ако Советот на Европа го прекрши својот Статут и неговите вредности, навистина нема потреба да се биде дел од тоа лицемерие и шарада, напиша Брнабиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера изјави дека Косово најверојатно ќе биде примено во Советот на Европа и дека една од можностите е Србија потоа да го напушти тоа тело.

-Ќе ни биде тешко да го спречиме тоа, бидејќи тие ја донесоа таа одлука, рече Вучиќ и додаде дека ќе види „дали Србија ќе остане или не во Советот на Европа“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.