Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, сумирајќи ги резултатите од Минхенската безбедносна конференција одржана минатата недела, изјавил дека разговарал на одвоени средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти, за деескалација на тензиите во односите меѓу Белград и Приштина, но дека, за жал, разговорите биле неуспешни.

Борел навел дека на Минхенската безбедносна конференција презентирал четири главни задачи од геополитичката агенда на ЕУ, а тоа се поголема и побрза поддршка за Украина, ставање крај на хуманитарната катастрофа во Појасот Газа и спроведување на одлуката за формирање на две држави, подобрување на односите на ЕУ со „глобалниот југ“ и зајакнувањето на одбраната и безбедноста на Унијата, стои во објавата на веб-страницата на службата за надворешни работи на ЕУ.

Борел посочува дека атмосферата на годинешната конференција во Минхен била посебна бидејќи, како што наведе, сите станале свесни дека Европа е во опасност поради двете блиски војни и многу потенцијални конфликти ширум светот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.