„Кога почнав да работам во Стејт департментот, предизвик беше Балканот, Босна и Херцеговина, а потоа и Косово. Ние сме навистина луѓе кои имаат идеја дека не можеме да се вратиме во минатото. Поради оваа причина, ги поддржуваме сите напори за подобрување на меѓусебните односи и европската интеграција“, рече Блинкен на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама.

Блинкен ѝ честиташе на Албанија за, како што рече, улогата на земјата во регионалната стабилност и интеграција, пренесува Танјуг, повикувајќи се на Албаниан пост.

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Косово во иднина не треба да презема никакви чекори во дијалогот меѓу Косово и Србија без претходна консултација со САД.

„Ниту еден чекор напред во дијалогот не треба да се прави без консултации и координација со американските партнери. Некои гласови може да се добијат со одлуки кои не биле консултирани со Американците, но иднината, никако“, рече Рама.

Тој додаде дека „без САД и нивните партнери, Косово немаше да биде независно“.

„Добро е Албанците да не забораваат дека без САД немаше да има независна држава Косово и дека интересот на САД во овој регион, особено интересот за непречено одвивање на работите во Албанија и Косово не е интерес на некој друг“, рече Рама.

Рама рече дека за време на посетата на Блинкен разговарале за тензиите меѓу Косово и Србија.

Преговорите под покровителство на ЕУ за нормализирање на нивните односи напредуваат бавно, а повремените насилни инциденти ги подгреваат стравувањата од нестабилност. САД и ЕУ изразија загриженост поради неодамнешната забрана на Косово за користење на динарот во општините со мнозинско српско население.

„Дијалогот под покровителство на ЕУ е правилен, а всушност мислам и единствениот пат напред и ние сме посветени да направиме сè што можеме за да ги поддржиме двете земји на тој пат“, рече Блинкен.

Блинкен вчера за прв пат во кариерата ја посети Тирана.

Тој во главниот град на Албанија пристигна во попладневните часови.

По Тирана, Блинкен ќе отпатува за Минхен каде заедно со американската потпретседателка Камала Харис ќе учествува на Минхенската безбедносна конференција.

Извор: МКД.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.