Функционерот на Агенцијата за национална безбедност во Црна Гора, Петар Лазовиќ е уапсен по наредба на Специјалното државно обвинителство, пишуваат тамошните медиуми.

Тој е уапсен поради сомнение дека сторил кривично дело создавање криминална организација, објави „Подгорица вијести“.

Налог за апсење е издаден и по службеникот на полициската управа Љубо Миловиќ, кој заедно со Лазовиќ од страна на Европол беа идентификувани како членови на кавачкиот криминален клан.

Во кривичниот предмет што беше повторно отворен во мај годинава, по наредба на главниот специјален обвинител, врз основа на материјалот на Европол и француските правосудни органи, поднесен во јули и декември минатата година, вработениот во Агенцијата за национална безбедност, П.Л., е лишен од слобода, поради постоење основи за сомнение за сторени кривични дела создавање криминална организација, неовластено производство, држење и пуштање во промет наркотични дроги, шверц, недозволено држење оружје и распрскувачки материи и злоупотреба на службен став, соопшти Специјалното државно обвинителство.

Лазовиќ е уапсен од припадници на Специјалната полиција и во законскиот рок ќе биде сослушан во Специјалното државно обвинителство.

Повикувајќи се на своите сознанија, бил издаден налог за апсење и на полицаецот Љубо Миловиќ, кој заедно со Лазовиќ е осомничен за создавање криминална организација.

Телевизијата „Вијести“ претходно објавила дека полицијата извршила претрес во хотелот „Подгорица“, чија сопственост е поврзана со пријателот и колега на Лазовиќ, Љубо Миловиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.