Амбасадата на САД во БиХ се огласила откако претседателот на Република Српска Милорад Додик повторно го негирал геноцидот во Сребреница.

„Претседателот Додик, како и секогаш, греши кога тврди дека геноцид не се случил во и околу Сребреница во јули 1995 година. Фактите за оваа трагедија се поткрепени со беспрекорни форензички и други докази и се утврдени без какво било сомневање од меѓународните судови: елементи на Армијата Република Српска, под команда на Ратко Младиќ и политичка директива на Радован Караџиќ, извршија геноцид и тие се воени злосторници“, соопштила Амбасадата.

Како што посочуваат, за ова и за другите воени злосторства извршени за време на војната 1992-1995 година, виновни се сторителите, а не цела етничка група. Повтореното негирање на геноцидот во Сребреница од страна на господинот Додик не може да ги промени овие факти, се нагласува во соопштението на Амбасадата.

„Грубите коментари и предрасудите за Сребреница и други чувствителни теми не им помагаат на граѓаните на Република Српска. Тие се обид да се одвлече вниманието од актуелната кампања за лишување на народот на Република Српска од основните слободи: од нерешавањето на секојдневните прашања кои најмногу ги засегаат жителите на Република Српска, како што е порастот на цените и од неодговорното јавно задолжување кое ја става под хипотека иднината на Република Српска“, се вели во реакцијата на Амбасадата на САД.

Тие нагласуваат дека не можат да го спречат Додик „да продолжи да се засрамува себеси и Република Српска, но САД ќе продолжат да реагираат на негирањето на геноцидот“.

„Ние, исто така, ќе продолжиме да ги поддржуваме и да соработуваме со граѓаните на Босна и Херцеговина, вклучително и оние кои живеат во Република Српска, додека работат на градење мирна, демократска и просперитетна иднина за себе во рамките на Евроатлантската заедница на нациите“, заклучила Амбасадата на САД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.