На иницијатива на Секцијата на спортски новинари која е дел од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), остро се реагира на вулгарното однесување на дел од навивачите на РК Еурофарм Пелистер кои со крајно навредлива парола се обидоа да го понижат и да се „пресметаат“ со коментатор од Македонската Телевизија.

Имено во текот на целиот меч во Битола меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар на една од трибините група неодговорни навивачи имаше истакнато безобразен транспарент кој се однесува на колегата Југослав Костовски.

„Секцијата на спортските новинари при ЗНМ искажува револт кон навивачите, но и кон домаќинот на големото ракометно дерби РК Еурофарм Пелистер бидејќи раководството и луѓето задолжени за организација на мечот имаа вовед, две полувремиња, пауза и цели два часа да реагираат и да го отстранат транспарентот или тие што го промовираа на видно место, а тоа не го сторија.

Валканите пресметки на навивачите со новинарите и непостапувањето кон истите не се непознати во нашиот спорт, но сигурно не се начин на кој се градат големите европски спортски колективи. Со самиот факт што Еурофарм Пелистер е наш машки ракометен првак и учесник во групната фаза од Лигата на шампионите тоа ги става битолчани во ситуација да имаат обврска тоа да биде нивна траекторијата на развој што, пак, дефинитивно значи и коректен однос кон известувачите од натпреварите и на домашната и на меѓународна сцена“, велат од ЗНМ.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар 1961 заврши со победа на домашниот тим (29-25), но вардарци го задржаа првото место поради победата на првиот меѓусебен меч сезонава во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.