Македонската машка ракометна репрезентација ја продолжи победничка низа во подготовките за настап на претстојното Европското првенство, совладувајќи го во Скопје вечерва Израел со 31:28 (14:15).

Најефикасен во македонскиот состав, во првиот од двата контролни натпревари против израелската репрезентација, беше Ненад Костески со пет голови, додека Филип Кузмановски и Цветан Кузманоски постигнаа по гол помалку.

Контролните натпревари против Израел се играат зад затворени врати, а вториот дуел е закажан за утре, исто така, во Скопје со почеток во 18 часот.

Македонската репрезентација минатата недела забележа две победи над Кувајт во подготовките за настап на Европското првенство, на кое прв противник на избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе биде Словенија, на 13 јануари во Дебрецин.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.