Откако Антикорупциската комисија најави дека ќе достави иницијатива за кривично гонење на првиот човек на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски, поради сомнеж оти Агенцијата го злоупотребила ваучер-системот за финансирање фондации и спортски клубови, за работата на Мојсовски и на АМС реагираа и од Олимпискиот комитет во земјава.

Во отворено писмо испратено до вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, Комитетот бара разрешување на Мојсовски од чело на АМС и од членовите на Централната комисија при Агенцијата, а на нивните позиции бараат да бидат поставени професионалци кои ќе ги применуваат критериумите за доделување на средства на спортските објекти.

Воедно, во писмото испратено до Владата, од Комитетот бараат стопирање на постапката за доделување на ваучери за 2023 година која во моментов е во тек, се до изборот на нови членови на Централната комисија при АМС.

„Согласно својата позиција и одговорност, должни сме да предупредиме дека и покрај општото јавно мнение и незадоволство од начинот на распределба на финансиските средства од страна на АМС кои во целост е поткрепен со наодите на Комисијата за спречување на корупција и дефинитивно потврден и докажан со заклучоците во конечниот извештај на Државниот завод за ревизија каде негативно е оценета работата на АМС по сите точки и основи, раководството на истата во ист и непроменет состав продолжува со истите криминални практики“, се наведува во отвореното писмо кое Олимпискиот комитет го испрати до вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска.

Оттаму иразија уверување дека Владата ќе постапи согласно извештајот за ДЗР во однос на работата на Агенцијата за млади и спорт, во кој, како што додаваат од Комитетот, прецизно се констатирани сите незаконски дејствија кои се пракса во работењето на раководството на АМС.

„Внимавајте, се работи за милионски суми распределени без никаква контрола и механизми“, се додава во писмото од Комитетот.

„Дополнително, веруваме дека ве загрижува фактот што од страна на Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, АМС е рангирана на катастрофално 115 од 120 места како крајно нетранспарентна организација, што само по себе многу кажува“, заклучуваат од Олимпискиот комитет во отвореното писмо испратено до Владата.

Претходно денеска, Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) најави дека до Јавното обвинителство ќе достави иницијатива за кривично гонење на директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски, и членовите на Централната комисија на АМС поради сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер-системот на финансирање фондации и спортски клубови.

Според ДКСК, постои сомневање дека претседателот на Агенцијата и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.

Во извештајот од ревизијата во Агенцијата за млади и спорт (АМС) за 2021 година, кој во ноември лани го објави Државниот завод за ревизија (ДЗР), беше посочено дека Агенцијата не спровела внатрешни контроли кои би требало да обезбедат наменско и законско користење на средствата кои им се префрлаат на националните спортски федерации за реализација на нивните активности.

Дополнително, во извештајот беше посочено оти АМС не поставила соодветни критериуми со кои ќе се обезбеди објективна, пропорционална и праведна финансиска поддршка на федерациите, а склучените договори со нив не содржеле одредби со кои би се допрецизирала намената на одобрените средства.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.