Брзо по информацијата дека Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) побарала кривична пријава за Наумче Мојсовски, со реакција се јави и претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски кој побара разрешување на актуелниот претседател на Агенцијата за млади и спорт (АМС) и стопирање на ваучерите за 2023 година.

Првиот човек на МОК, Даниел Димевски со писмо до Владата и вицепремиерката Славица Грковска реагираше со укажување на лошото работење на АМС.

„Почитувана г-ѓа Грковска, во изминатиов период во повеќе наврати со задоволство ги слушавме Вашите излагања во кои цврсто и одлучно повикувавте на неселективно доследно применување на принципите на одговорност, отчетност, транспарентност и добро владеење и управување со јавните финансиски средства за сите носители на јавни функции. Веруваме дека со должно внимание сте го прочитале Конечниот извештај на државниот завод за ревизија каде прецизно се констатирани сите незаконски дејанија кои за жал се пракса во работењето на АМС. Внимавајте, се работи за милионски суми распределени без никаква контрола и механизми“, стои во дел од писмото на Даниел Димовски.

„Дополнително, веруваме дека Ве загрижува фактот што од страна на Агенцијата за заштита е прватото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, АМС е рангирана на катастрофално 115 од 120 места како крајно нетранспарентна организација што само по себе кажува многу“.

„Дојде време да покажете на јавна сцена пред сите нас кои работиме и живееме за и во спортот, дали Вашите зборови и заложби имаат суштина или се само празни политички флоскули“.

„Согласно ова, ја повикуваме Владата и вас лично како најодговорен функционер за оваа сфера, да го исполните јавно даденото ветување за чесно, одговорно и транспарентно работење на од Вас избраните и поставени функционери и да го разрешите директорот и комисиите поставени од него и да назначите нови, чесни и професионални лица кои доследно ќе го применуваат законот, правилниците и критериумите за доделување на средства на сите спортски субјекти. Со оглед на тоа што во моментов тече постапката за доделување на ваучери за 2023 година, бараме ИТНО ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ПОСТАПКАТА, се до именувањето на новите членови на Централната комисија. Одговорноста за брза и ефективна реакција е Ваша и е исклучиво во Ваши раце и нема простор за префрлање на вината кај нефункционалниот судски систем“,



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.