Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска прашан за случајот со распределбата на средства од ваучер системот од Агенцијата за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет (МОК) изјави дека Обвинителството треба да работи независно и согласно закон.

– Обвинителството треба да работи согласно закон независно и секој поединец во државата да може да има фер процес во кој може да ги докаже врз основа на факти случувањата што се случувале и немам што повеќе да додадам. Партија не води судски случаи, Обвинителство води судски случаи, рече Ковачевски по средбата со раководството на Стопанската комора на северозападна Македонија.

На прашањето дали ќе побара одговорност од директорите, претседателот на СДСМ потенцира дека доколку тој биде премиер со институциите ќе раководат многу нови кадри.

– Едниот не е веќе директор, вториот по 8 мај секако дека нема да биде директор, било да сум јас премиер или не, со оглед на тоа сигурно доколку граѓаните се определат да дадат доверба на СДСМ и на коалицијата „За европска иднина“ да формираат влада, тогаш ќе имаме многу нови кадри кои ќе управуваат со институциите, рече Ковачевски.

По иницијатива на Антикорупциската комисија од претходниот состав, Скопското обвинителство на 30 април поднесе обвинителен предлог до Кривичниот суд Скопје против 12 лица од Агенцијата за млади и спорт, неофицијално на чело со Наумче Мојсовски, но и против лица од Македонскиот олимписки комитет, за злоупотреба на службената положба и за Несовесно работење.

– За осомничените до Основниот кривичен суд Скопје доставен е предлог за определување мерки на претпазливост, соопшти тогаш ОЈО Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.