Случајот со Новак Ѓоковиќ е централна тема на речиси секој спортски медиум на планетава. Ако се гледаат само неговите колеги, Рафаел Надал немаше разбирање за светскиот број еден, Медведев и Зверев беа одмерени, а Ѓоковиќ зад себе има цела армија кои го поддржаа, почнувајќи од Џими Конорс, преку Томиќ, Изнер, Стаховски, па се до Фелисијано Лопез и Тенис Сандгрен.

Но, такво нешто ретко кој можеше да очекува од Ник Кирјос. Ем е Австралиец, ем со години наназад без влакна на јазикот го критикува и омаловажува Новак Ѓоковиќ. Сега се испостави спротивното – Кирјос најгласно го брани ликот и делото на Новак, кој заклучен во притвор во Мелбурн го очекува исходот од судската жалба за поништување на визата.

Сочувствувам со него во моментов. Ова низ што поминува навистина не е хумано. Што се случува? Да не беше позната личност, да е обичен човек, немаше да мора да се носи со толкава количина на сра*а кои ги пласираат медиумите. Животот му е веројатно веќе доволно тежок. Знам како е тоа. Се надевам дека ситуацијата набрзо ќе се разреши – започна Австралиецот.

Еден од клучните докази за конечната одлука би можело да биде тоа што Новак кон средината на декември добил Ковид од кој во меѓувреме се излечил, но Кирјос смета дека работите воопшто не требало да одат така далеку и дека е лош начинот на кој целата приказна се води.

Очигледно е дека настанаа хаос и збрка, а моето мислење е дека ова не е прв пат. Едноставно, Новак ни е потребен тука поради нашиот спорт. Еден е од највлијателните спортисти на сите времиња. Ако е подготвен да игра и му биде дозволено да настапи, мислам дека тоа ќе биде добро за тенисот, со сето тоа внимание насочено на Австралија. Австралија Опен веројатно ќе има гледачи како никогаш досега.

Изненадувачката поддршка и емпатија на Кирјос се изненадување, бидејќи е познато дека тие двајца немаат баш пријателски однос.

Ќе ви кажам нешто интересно… Новак и јас всушност бевме пријатели, често спарингувавме на турнирите, а медиумите на некој начин не разделија. Надуваа некои работи, ги извлекоа од контекст и сега ситуацијата е 30 пати полоша таму каде всушност воопшто не беше така лоша. Новак го паметам како еден од ретките тенисери кои ми пријдоа кога бев млад – ми рече ‘Ако ти затреба некогаш нешто, биди слободен да ми се обратиш, јас со задоволство ќе ти помогнам’. Чувствувам дека на Австралија многу и помогна, ни даваше поддршка и во текот на пожарите… Брзо заборавивме дека ни помагаше, а дека не мораше тоа да го прави. Голем број спортисти не би го правеле тоа. Многумина од нив се себични. Така што јас тоа не го заборавам – вели тој.

Колку и да важи за тениски мангуп, медиумите некогаш и ги пумпаа изјавите на Кирјос, но овојпат делува дека австралискиот тенисер е мошне искрен.

Би можел ова да го искористам како рекламен трик за самопромоција. Едноставно да се сложам со општото мислење тука и да кажам дека не постапил добро, но не мислам дека тоа е исправно. Ја користам својата платформа да кажам дека можеме и мораме да бидеме подобри од ова – тврди Кирјос.

Кирјос не крие дека стравува од Ѓоковиќ во случај да добие дозвола за настап.

Ако биде на теренот тука во Мелбурн, ќе биде опасен и не сакам да играм против него во моментов – тоа е сигурно. Некој друг нека ја добие таа задача. Мислам дека ќе биде бесен. Ќе биде одлучен да игра добро и да се одмазди. Не сакам да наидам на неговиот гнев. Нема да има проблеми да се подготви, ова е само дополнително гориво за него. Сите знаеме колку е натпреварувачки настроен. Не можете да бидете таков шампион како што е тој, а да не сте во ситуација да прибегнете од ваква неволја. Сигурен сум дека пребродил многу попредизвикувачки работи од тоа да поминете неколку дополнителни дена во хотелски соби – заклучи Кирјос.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.