Поранешниот најдобар светски тенисер, Германецот Борис Бекер, првостепено е осуден на две и пол години затвор, за лажен банкртот.
Бекер (54) прогласил банкрот пред пет години, а во моментот на банкрот неговите долгови биле проценети на 50 милиони фунти. Тој е осуден за обид да прикрие пари, сопственост на недвижен имот и тениски трофеи во стечајната постапка.
Иако во кариерата, но и после неа престојуваше во бројни скапи хотели, сега ќе мора да се пресели во еден од најлошите затвори во Велика Британија. Како што пренесуваат британските медиуми, условите во затворот наречен Вандсворт се, во најмала рака, ужасни.
Станува збор за 170-годишна викторијанска зграда, што е полна со нечистотија и стаорци, а нејзините капацитети одамна се пробиени. Во овој објект во моментов казната ја издржуваат дури 1.300 осуденици, а условите не би биле одлични дури и да ги има многу помалку.
Бекер првично е ставен во самица, но се очекува наскоро да биде префрлен во една од собите што ќе ги дели со своите „цимери“. Таму ќе го пречекаат голем број затвореници кои имаат огромни проблеми со управувањето и почитувањето на затворските правила, како и многу ниско ниво на хигиена, пишува „Дејли мејл“.
Исто така, тоалетите во ќелиите не нудат никаква приватност, а овој затвор е на самиот врв на листата по бројот на инциденти кога е Велика Британија во прашање. Чуварите користат сила во просек четири пати на ден, а физички пресметки меѓу затворениците се случуваат речиси секој ден. Ова се должи на проблемите што затворот ги има со употребата на наркотици, но и поради менталното здравје на луѓето внатре меѓу ѕидовите.
Според извештаите на комисиите за условите во британските затвори, на затворениците во Вандсворт им е ужасно досадно, а на чист воздух поминуваат само два часа дневно. Поради тоа огромен процент од затворениците се обиделе да се самоубијат, додека други побарале стручна помош поради психички проблеми.
За работите да бидат почудни, затворот Вандсворт се наоѓа во југозападен Лондон, на само три километри од Вимблдон, култно место во историјата на тенисот каде што Борис Бекер стигна до својата прва Грен слем титула на 17-годишна возраст и најави импресивна кариера која траеше 15 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.