Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во наредниот период активно да се вклучи околу анализа за самото доделување на спортските ваучери, побара на денешната седница Владимир Георгиев, член на ДКСК.

Според него, ризиците од можни злоупотреби на овие финансиски средства од даночно ослободување остануваат и во оваа 2022 година. Тој информираше дека Антикорупција побарала и од Државниот завод за ревизија оваа година да ги стави во својот план за ревизија и Агенцијата за млади и спорт, што било и одобрено.

Сето тоа, наведе Георгиев, од аспект на немање отчетност на спортските клубови, федерации и спортистите за тоа како ги потрошиле одобрените средства. Врз основа на иницијативата лани на ДКСК, АМС за оваа година има усвоено унифициран образец – извештај со кој сите корисници на средствата преку ваучери ќе образложат на кој начин ги потрошиле ваучерите.

Централна позиција има т.н. Централна комисија за евалуација на предлог-листите, бидејќи таа ги рангира федерациите, спортските клубови и активните спортисти и како таква ја доставува понатаму до директорот на АМС, каде пак конечно се одлучува кои и колку средства ќе добие од ваучери, изјави меѓу другото Георгиев.

Тој потсети дека во Националната стратегија на ДКСК за борба против корупција и судир на интереси за периодот 2021-2025 година првпат е воведен секторот спорт, исто така, како што рече, како ризичен од корупција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.