Кошаркарите на Вардар до 18 години го освоија шампионскиот трофеј во јуниорската категорија откако на завршницата која се одигра во малата сала при СЦ „Јане Сандански“ во организација на Феникс 2010 во драматично финале славеа против екипата на Водно Санс со 85-77.
Младиот кошаркар на Вардар Павел Иванов ја понесе главната индивидуална награда на завршниот турнир во Скопје, откако беше прогласен за најкорисен играч на турнирот.
Иванов беше клучен за триумфот на „црвено-црните“. Со неколку забивања, но и блокади под сопствениот кош буквално го реши натпреварот за златниот медал. Тој средбата ја заврши со 20 поени и 11 скокови, на кои додаде три асистенции и по две украдени топки и блокади.
Иванов беше одличен и во полуфиналето во кое Вардар беше подобар од Работнички. На таа средба младиот „вардарец“ исто така имаше двојни бројки во поените и скоковите.
Сребрениот тим на Водно Санс беше предводен од Јаничиќ и Ќириловски со по 17 поени, додека во натпреварот за бронзениот медал, Работнички беше подобар од организаторот на завршниот турнир, Феникс 2010 со 77-65.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.