Натпреварот од 27. коло во германското фудбалско првенство меѓу Бохум и Борусија Менхенгладбах беше прекинат синоќа во 69. минута при водство на гостинскиот тим од 2-0 поради сериозен навивачки инцидент.

Незадоволни од актуелниот резултат, навивачите на Бохум предизвикаа скандалозни сцени во Бундеслигата, откако линискиот судија Кристијан Гителман беше погоден во пределот на главата со пластична чаша пиво фрлена од трибините. Гителман по кратко време се подигна на нозете по што во консултација со главниот судија натпреварот беше прекинат.

Ова беше прв натпревар од 2020 година на кој Бохум играше пред полн капацитет на својот стадион од 25.000 гледачи.

Сличен инцидент се случи и во Сент Паули во 2011 година на дуелот против Шалке 04, кога навивач од трибините во 88 минута, исто така, со чаша пиво го погоди линискиот судија во главата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.