Европската фудбалска федерација (УЕФА) се очекува да поведе дисциплинска постапка против Шкупи и Левски за инцидентите поврзани со синоќешниот дуел во Скопје меѓу македонскиот и бугарскиот тим во рамки на првиот натпревар од второто коло во Конференциската лига.

Натпреварот официјално го следеа 6.000 гледачи од трибините на Националната арена „Тодор Проески“, меѓу кои околу 900 дојдоа организирано од Софија да го бодат бугарскиот тим.

Дисциплинското тело на УЕФА се очекува да отвори истрага поради дискриминаторско скандирање кое можеше да се слушне од навивачките групи на двете страни за време на натпреварот, поради што на средина од второто полувреме беше издадено официјално предупредување на Арената во Скопје дека дуелот може да биде прекинат доколку навивачите продолжат со таквото однесување.

Дополнително за време на натпреварот беа користени факели и други недозволени пиротехнички средства од двете навивачки страни, што, исто така, подлежи на санкции од УЕФА.

Натпреварот кој заврши со победа на Левски од 2-0 го одбележаа инциденти и надвор од теренот.

Македонското Министерство за внатрешни работи (МВР) соопшти дека за поврзаност со инциденти се приведени вкупно 21 лице.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.