Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен ја критикуваше денеска ФИФА, која им се закани на фудбалерите со санкции на Светското првенство во Катар доколку носат капитенски ленти во бои на виножито како промоција на различностите и инклузијата.

Блинкен на конференција за новинари со катарскиот колега во Доха рече дека „секогаш е загрижувачки кога сме сведоци на какви било ограничувања на слободата на изразување“.

-Особено е така кога станува збор за изразување поддршка на различностите и инклузијата. Мислам дека никој на фудбалскиот терен не би требало да биде принуден да избира меѓу поддршка на тие вредности и настап за својата репрезентација, истакна Блинкен.

Неговата реакција доаѓа откако ФИФА вчера ги предупреди репрезентациите на СП дека нивните играчи ќе бидат санкционирани со жолти картони доколку капитени носат на раката капитенска лента со натписот „Една љубов“ (One love).

Седум европски репрезентации – Англија, Велс, Белгија, Холандија, Данска, Швајцарија и Германија, најавија таков чекор, но се откажаа по заканите од ФИФА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.