Репрезентациите на Португалија и Хаити пополнија две од преостанатите три места за настап на Светското фудбалско првенство во женска конкуренција кое ќе се одржи во Австралија и Нов Зеланд од 20 јули до 20 август.

Својот дебитантски настап на мундијалскиот турнир, фудбалерките на Португалија го обезбедија во плејофот против Камерун, со триумф од 2-1 по продолжение. Натпреварот се одигра во новозеландскиот град Хамилтон.

Португалија на Мундијалот ќе игра во групата Е против САД, Виетнам и Холандија.

Претходно, свое прво Светско првенство обезбеди и Хаити триумфирајќи против Чиле со 2-1, во дуел што играше во Оукленд. Хаити на завршниот турнир ќе биде во групата Д со Англија, Данска и Кина.

Последниот учесник на претстојното Светско првенство ќе биде познат по одигрување на плејоф-мечот меѓу репрезентациите на Панама и Парагвај, а победникот ќе игра во групата Ф со Бразил, Јамајка и Франција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.