Првиот голман на македонската фудбалска репрезентација, Столе Димитриевски, негира дека добил каква било понуда за трансфер во Барселона.

Информациите за преминувањето на Димитриевски во Барселона се појавија откако тој не беше во составот на Рајо Валјекано за дуелот против Бетис (1:1), што беше протолкувано како знак дека тимот на Столе го чува од каква било повреда пред официјализирањето на трансферот.

Сепак, Димитриевски, во интервју за радиото „Пасион пор ел Рајо“, објаснува дека во моментов не размислува за каков било трансфер и дека е целосно концентриран на настапите за својата екипа. Столе објаснува дека отсуството од теренот било поради мали здравствени проблеми, кои со неколку дена одмор и терапија ќе бидат надминати.

Кога ќе слушнам такви информации за себе ме прави среќен и благодарен затоа што тоа значи дека добро си ја вршам работата, штом некој се интересира за мене. Сепак, концентриран сум на секојдневните обврски и задачи за да му помогнам на мојот тим да продолжи напред. Немам никаква информација за трансфер во Барселона и не сакам ни да знам затоа што може да ми влијае на секојдневната работа. Јас сум сериозен и мирен човек. Денеска се зборува за Барселона, утре можеби за Атлетико Мадрид, но морам да бидам концентриран на Рајо, да тренирам добро, да играм добро… Што треба да се случи ќе се случи. Нормално е дека секој би сакал да напредува и да настапува за еден голем клуб, но во моментов сум концентриран само на Рајо – објаснува Димитриевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.