МВР, поточно Бирото за јавна безбедност (БЈБ) бараат натпреварот од второто квалификациско коло на Конференциската лига на УЕФА, меѓу Македонија Ѓорче Петров и ЦСКА Софија да не се игра во Скопје.

Овој натпревар е закажан за в четврток, 21 јули од 17.30 часот на тренинг центарот на ФФМ во Ново Лисиче, но, според неофицијални информации на „Република“, со одлука на полицијата неговото одигрување на таа локација сериозно се става под знак прашалник.

Од извори на „Република“ дознаваме дека од БЈБ испратиле писмо до ФФМ, во кое се вели дека МВР не се нафаќа, односно не може да го организира тој натпревар со гарантирана безбедност. Дополнително, според овие неофицијални информации, во писмото се наведува дека проблемот не е во теренот на ФФМ, туку дека овој натпревар не може да се игра во Скопје, односно ниту на Националната арена „Тоше Проески“, каде што своите натпревари ги игра македонскта фудбалска репрезентација, туку, од БЈБ бараат дуелот меѓу Македонија ЃП и ЦСКА Софија да се игра во Струмица.

Ваквото барање навестува дека највисоките полициски структури се обидуваат да ја исполитизираат атмосферата околу одигрувањето на овој натпревар против славната бугарска екипа, затоа што е крајно нелогично МВР да тврди дека овој натпревар не може да се игра во Скопје, кога со години се играат натпревари, дури и од висок ризик, како на клупско, така и пред се на репрезентатвно ниво.

Уште повеќе, што токму на тој стадион во Ново Лисиче, само пред ден-два, гостуваше Легија Гдањск со околу 250 полски ултрас навивачи, кои ширум Европа важат за едни од најпроблематичните, а секако понезгодни од навивачите на ЦСКА, а кои се најавени дека присуствуваат на дуелот во бројка што се движи околу 60 луѓе.

Затоа, не може да држи вода евентуалното образложение дека токму присуството на бугарските навивачи е непремостлив проблем за одигрување на мечот, со оглед на тоа што веќе е најавено дека заедно со нив, во Скопје треба да пристигнат и одреден број припадници на бугарската полиција, кои ќе бидат покрај нив во текот на целиот нивен престој на македонска територија.

Истовремено, прилично стандардна процедура во вакви случаи е движењето на гостинските навивачи низ главниот град да биде ограничено само во хотелот во кој ќе бидат сместени (и секако, на стадионот) и да не смеат да го напуштат истиот и слободно да се движат низ улиците.

Политизацијата на ваквата одлука на БЈБ, може да се заклучи и според тоа што оди во чекор со пишувањата на бугарските медиуми од изминатава недела, во кои се објавуваше дека „поради политички тензии“ натпреварот не смее да се игра во Скопје. Притоа, како можност за одигрување на средбата се спомнуваа и локации надвор од Македонија.

Ваквата одлука на БЈБ ги става во многу незгодна позиција, како клубот, така и Фудбалската федерација, особено што подготовките за натпреварот се веќе во поодмината фаза. За тоа сведочи и тоа што УЕФА, која е прилично внимателна при безбедносни прашања за кој било меч во нејзина надлежност, веќе има обајевно најава за натпреварот во која, освен официјалните лица, се наведува дека место на одигрување ќе биде Тренинг центарот на ФФМ.

Сепак, по барањето на БЈБ, од ФФМ ќе мора да ја известат УЕФА и евентуално да побараат дозвола натпреварот да биде преместен на друга локација.

Дополнителен проблем е тоа што, теренот во Струмица, наведен во писмото на БЈБ како пожелна локација, во моментов не ги исполнува во целост критериумите на УЕФА за одигрување на меч од европските купови. Потврда за такво нешто е и тоа што Академија Пандев, на која Струмица и е домашен терен, против Легија Гдањск мораше да игра токму на Тренинг центарот на ФФМ, што сега според БЈБ е спорен.

По се ова, останува да се види каков ќе биде одговорот на УЕФА, која вообичаено не прифаќа мешање на политика и политички прашања во своите натпреварувања. Во моментов опциите се европската куќа на фудбалот да „прогледа низ прсти“ за стадионот во Струмица, да треба мечот да се игра во надвор од Македонија или, пак, МВР и БЈБ, ќе го променат својот став и натпреварот ќе се игра онака како што првично беше замислено и веќе испланирано.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.