Министерството за внатрешни работи ги потврди пишувањата на Република дека Бирото за јавна безбедност (БЈБ) бараат натпреварот од второто квалификациско коло на Конференциската лига на УЕФА, меѓу Македонија Ѓорче Петров и ЦСКА Софија да не се игра во Скопје.

МВР испрати предлог до ФФМ за натпреварот да се одигра во Струмица место во Скопје поради зголемен број настани во главниот град и ангажмани на СВР Скопје. ФФМ го испратиле барањето до УЕФА бидејќи тие одлучуваат, но до овој момент не е добиен одговор. Во секој случај гарантираме безбедно одвивање на натпреварот, каде и да се игра – одговорија од МВР на прашањата на Република дали е побарано натпреварот да се одигра во Струмица наместо во Скопје.

Република вчера објави дека натпревар е закажан за в четврток, 21 јули од 17.30 часот на тренинг центарот на ФФМ во Ново Лисиче, но, според неофицијални информации, со одлука на полицијата неговото одигрување на таа локација сериозно се става под знак прашалник.

Од извори на „Република“ дознаваме дека од БЈБ испратиле писмо до ФФМ, во кое се вели дека МВР не се нафаќа, односно не може да го организира тој натпревар со гарантирана безбедност. Дополнително, според овие неофицијални информации, во писмото се наведува дека проблемот не е во теренот на ФФМ, туку дека овој натпревар не може да се игра во Скопје, односно ниту на Националната арена „Тоше Проески“, каде што своите натпревари ги игра македонскта фудбалска репрезентација, туку, од БЈБ бараат дуелот меѓу Македонија ЃП и ЦСКА Софија да се игра во Струмица.

Ваквиот одговор на МВР личи како начин да се избегне одговорност, а топката ја префрлаат на УЕФА. Бугарските медиуми објавуваа дека Бугарија бара Скопје да биде изземен од организација на натпреварот, поради тензиите кои постојат меѓу двете земји на политички план.

 Дали овој натпревар воопшто треба да се игра во главниот град на Македонија? УЕФА има практика брзо да реагира на политичките тензии и да ги испраќа натпреварите на неутрални терени. Во конкретниот случај, дури и ова е повеќе од погодно, бидејќи српскиот град Ниш е блиску до двата главни града. Во последните години, УЕФА не дозволува тимови од Ерменија и Азербејџан, како и од Русија и Украина да се сретнат на турнирите. ЦСКА мора да ја посети базата на репрезентацијата на Македонија, именувана од „Македонија ЃП“ за арената на натпреварот. Доколку „Црвените“ ја контактираат УЕФА за проблемот, голема е веројатноста Нион да направи промена. Ова не важи за гостувањето на „Македонија ЃП“, бидејќи во Софија нема слична атмосфера, стои во анализата на бугарскиот дневен весник „Труд“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.