Во среда, на 15 мај, во малата сала на Филхармонија, ќе се случи несекојдневен музички перформанс на нашата кантавторка MIYATTA. Концертот е во рамки на петтото издание на Скопски Градски Фестивал, во организација на Баги Комуникации.
MIYATTA е е уникатна појава на македонската музичка сцена, како со  препознатливиот музички израз, така и со оригиналните, театрални сценски настапи. Мијата е кантавтор, создава ангажирани текстови и умешно интегрира различни форми во својата музика. Нејзините настапи се спој на музика и театар за целосно доживување на публиката.
Многумина ја споредуваат со Kate Bush, заради нејзините вокални и визуелни интерпретации. MIYATTA има издадено два албуми, „Небеска„ и „Вида„ кој се појави оваа година и наидува на одлични реакции кај балканската музичка критика.

Возбудена сум за претстојниот концерт и повторна средба со публиката. Концертот ќе биде комбинација на песни од двата мои албума во една акустична и бохо-атмосфера, која ќе ѝ направи на публиката да се чувствува како дома. Секогаш тргнувам од помислата што би сакала јас да видам, да чујам, да доживеам… Но најважно од се ми е да ја задржам автентичноста, вели Мијата

На концертот публиката ќе има можност да ги види и гостите Нина Јанева, Мухамед Ибрахими, Александар Пешевски, Теодора Гошева Капсарова, Никола Стојмановиќ, Гоце Вангеловски и уште неколку изненадувања кои организаторите не сакаат да ги откријат.

Ова е мал но значаен јубилеј за нашиот фестивал. Исто како и претходните години и оваа фокусот го ставаме на домашните изведувачи. Сметаме дека негувањето и поддршката на домашната сцена е суштинска во овие времиња на голем наплив на музика со сомнителен квалитет. Соработката со MIYATTA е нешто на што работевме изминатата година, таа е исклучителен професионалец и голем креативец, велат организаторите Баги Комуникации.

MIYATTA деновиве е актуелна и со соработката со македонската музичка атракција „Брас брадрс“ (Brass Brothers) на нивната најнова песна „I Wanted More“ каде таа е текстописец и вокал.
Јубилејното петто издание на „Скопски градски фестивал“, понуди возбудлива и исклучително квалитетна програма во организација на „Баги Комуникации“, со три фестивалски вечери, на 7, 9 и 15 мај. Фестивалот беше отворен на 7 мај во камерната сала на Филхармонија, каде настапија гитарското дуо „Роџерс и Харисон“ и битолската група „Код 369“. Втората фестивалска вечер се одржа на 9 мај во Младинскиот културен центар во Скопје. На програмата беа три концерти, на групата „Бла-бла-бла“, Мухамед Ибрахими и средношколскиот бенд 3rd Brigade“, со ученици од „American High School“ – Скопје, како и изложба на авантгардни колажи од уметницата Марга Рита.
Со концертот на MIYATTA на 15 мај ќе биде затворено ова издание на фестивалот.
Концертот ќе започне во 20 часот, а билетите по цена од 800 денари можат да
се набават преку www.bileti.mk

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.