Што би било ако Македонија биде домаќин на Евровизија во 2134, беше темата на овогодинешното шоу „Глумците пеат“, кое две вечери (29 и 30 март)  се одржа во Националната опера и балет.

За три часа се најдовме во 2134 година, сме победиле на Евровизија и, според правилата се организира во Македонија! Сето останато е исто, местенка на победникот, се фрли лопата и за старт на Евросонг, како што се фрла за се и сешто, доушници, инсајдерски информации.., се она што го отсликува нашето сегашно живеење.

Низ комично сценарио, шоуто го водеа актерот Горан Ников и новинарката Миланка Рашиќ. Беа изведени 27 евровизиски хитови од млади и докажани актери: Весна Петрушевска која настапи со децата од нејзината актерска школа, Тања Кочовска, Гордана Ендровска, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Наталија Теодосиевска, Жарко Димовски, Тина Трпкоска, Бојан Стојков, Арна Шијак, Жаклина Стефковска, Маја Андоновска- Илијевски, Билјана Драгичевиќ- Пројковска, Петар Горко, Нина Деан, Дритон Вејсели и други.

Некои пееја македонски евровизиски хитови како „Proud“на Тамара Тодевска,  ХХЛ и „100 посто те љубам“а се потсетивме и на групата „Рива“ од Задар која ѝ ја донесе првата победа на Евровизија на Југославија во 1989, Тајчи, „Нови фосили“, Жељко Јокисмовиќ, Руслана, групата „Атена“, „Ацукар морено“, Сертаб Еренер, АББА.

Како на вистинската Евровизија, беше организирано телефонско гласање на кое победи Жарко Димовски кој беше Здравко Чолиќ  со „Гори ватра“ и Весна Петрушевка која го пееше Јоксимовиќ.

Фестивалските местенки според сценариото на Дејан Пројковски кој го осмисли концептот се неизбежни и на Евровизија. Затоа на крајот, како што на водителот му јавија „од горе“, победи Бајрам Северџан со песната од Тото Кутуњо „Заедно“ (Insieme) со која италијанскиот пејач во 1992 повика на обединување на Европа.

Актерите настапија во придружба на Биг бенд со кој диригираше Љупчо Мирковски, а новите аранжмани на сите песни се на пијанистот Бобан Мирковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.