„Кај ги наоѓате бе вакви да ја претставуваат земјава на Евровизија, а немаат никаква почит кон нејзините основни одбележја?“, забележува корисничка на Твитер, коментирајќи го недоличниот гест на годинашната преставничка на Евровизија. Андреа Коевска, која ја претставува Македонија на Евросонг додека ја фотографираа во Торино го фрли македонското знаме на земја, па позираше без него, по што замина без да го подигне.

Видеоснимката, за жал, не остава простор за толкување на потегот. Дали било гаф, лоша проценка, неснаоѓање и неискуство, некои постапки не можат да ѝ се простат дури ниту на младоста и желбата да се биде различен. Иако е очигледно дека Андреа не го прави тоа со намера да го понижи симболот, сепак во Торино ја претставува Македонија.

Согласно членот 8 од Законот за употреба на грбот, знамето и химната на државата, истото е забрането, односно тие не смеат намерно да се кинат, палат, газат или на друг начин да се скрнават или изложуваат на презир или исмејување.

Претставувањето на Андреа почнува од 55:40 минута во видеото.

Денес е свеченото отворање на овогодинешното евровизиско издание во Торино, Италија. Сите 40 натпреварувачи и нивните делегации, претставници на ЕБУ и РАИ беа пречекани на тиркизниот тепих. Уметниците наместо на црвениот прошетаа по тиркизниот тепих, оти организаторите сметале дека тиркизот повеќе му одговара на градот домаќин, Торино.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.