Македонскиот пејач Виктор Апсостоловски гостуваше во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна“ ТВ, каде зборуваше за инцидентот во кој нашата претставничка Андреа Коевска го фрли македонското знаме за време на фотографирањето на свеченото отворање на годинашното издание на Изборот на песна за Евровизија.

Го разбирам гневот на луѓето, ја разбирам јавноста. Мислам дека има многу насобран гнев кај нас како народ. Самиот чин на фрлањето на знаме знаеме како може да се протолкува. Сепак, тоа не е причина да се пишуваат секакви коментари. Има начин на кој ќе реши оваа ситуација, има луѓе кои треба да се погрижат за ова и луѓе кои треба да одговорат на одреден начин. Според мене, се работи за неискуството на Андреа. Јас сум сигурен дека оваа постапка не беше намерна и дека никој не сака да го сврти сопствениот народ против себе, изјави Апостоловски во „Утрински брифинг“.

На прашањето која би била неговата реакција доколку се најде во слична ситуација, Апостоловски е дециден дека не би го фрлил државното знаме.

Малку е неблагодарно да се зборува. Од оваа гледна точка, сите би знаеле како да изреагираат во една таква ситуација, но кога си таму е малку поинаку. Јас не сум бил на „Евровизија“, но постојано бев пред камери кога се случуваше музичкото натпреварување „Идол“ и знам што значи да си под таков притисок. Тогаш те гледаат сите и не смееш да погрешиш нешто на каков било начин. Не можам да тврдам дека и јас не би згрешил нешто ако отидам на „Евровизија“ – никој не е совршен. Сепак, сметам дека фрлањето на знамето е т.н. рефлексија на тоа како младите ја доживуваат оваа работа. Како и да е, мислам дека не би направил такво нешто бидејќи, според мене, фрлање знаме значи пораз, заклучи пејачот.

Како потсетување, Виктор Апостоловски беше еден од финалистите на годинашниот национален Избор на песна за Евровизија. Иако неговата песна „Супермен“ беше главен фаворит на јавноста, сепак победата отиде во рацете на Андреа Коевска која годинава ја претставува нашата држава со песната „Circles“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.