Детскиот ТВ филм на 5+ фамилија „Тајниот изум“ во режија на Дина Дума, а по сценарио на Билјана Црвенковска, ќе учествува на фестивалот Prix Jeunesse International 2022 во Минхен (Германија), како дел од програмата насловена Quality In Children’s TV Worldwide.

Prix Jeunesse е најстариот фестивал за квалитетна детска програма во светот, кој на секои две години ги селектира и наградува најдобрите телевизиски проекти за деца од сите возрасти низ целиот свет, а на кој учествуваат најголемите светски продукции кои создаваат детска ТВ програма.

„Тајниот изум“ е филм за другарството, но и за неверојатните моќи на науката, која може да ја оживее детската фантазија, а дури и да работи во корист на другарството, особено ако имаш другар научник кој знае да прави чуда.

5+ фамилија од детска контактна емисија во живо, прерасна во играна ТВ серија со цели 6 сезони, продуцирани на македонски и на албански јазик, истовремено развивајќи се во поширока мултимедијална платформа „за растење на деца и родители“.

Во изминатите 15 години, под етикетата 5+ продуцирани се над 200 епизоди, кратки анимирани филмови, едукативни сликовници и други материјали дистрибуирани низ училиштата во Македонија, а проследени со обуки за наставниот кадар, но и бесплатно достапни во дигитална и интерактивна форма.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.