Не, не ништо не, овие години не промениле, срце полно рани, рани, рани, рани, во душа празни страни, непишани романи… вака гласи рефренот од новата тема на ДНК, со наслов „Романи“, а со која момците го заокружуваат последниот студиски материјал „Дваесет“.

„’Романи’ е една убава љубовна тема. Метафорична приказна, несекојдневен спој и песна со неочекуван рефрен, нешто што ете го чувавме како последнo парче од приказната наречена „Дваесет“, албум што значи заокружување на овој наш 20-годишен јубилеј“, велат Панчо и Андреј.

Круна на славењето ќе биде големиот концерт закажан на 3 декември во арената „Борис Трајковски“, кога двоецот заедно со сите свои фанови од сите генерации ќе го одбележи убавиот јубилеј.

Темата „Романи“ е дванаесетто парче на албумот, што во продажба ќе го има на самиот концерт, а освен што дел од собраните средства ќе бидат насочени во хуманитарни цели, сите оние кои сакаат да имаат потпис и фотографија со Панчо и Андреј тоа ќе можат да го направат по завршувањето на концертот. Панчо и Андреј ќе останат во салата сѐ додека фановите тоа го бараат од нив. На материјалот уште се ставени и темите „Кога би знаела сѐ“, „Ромео и Јулија“, „Ние“, „Македонија на Европско“…

Инаку, видеото за „Романи“ е снимено во Турција и е со потписот на Даниел Јовески, а со поддршка на Fibula Travel и Kirman Calyptus. Во кадрите, кои ја следат приказната од текстот, освен Панчо и Андреј се појавува и моделот Ана Парлапанова.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.