Вечерва, на 23. ноември, со почеток во 21,30 часот во „Јавна соба“ врвниот композитор и гитарист Георги Шарески ќе го престави најновиот проект наречен „Џезтет“.

„Џезтет“ е всушност променлив оркестар, односно состав чија формација варира. Композициите се побрзи и динамични и претставува колекција на авторски дела на Шарески кои тој ги нарекува песни за бис, или неоткриени хитови.

Овие композиции во вистинско светло го прикажуваат разиграниот дух и единственоста на Шарески како композитор, но и неговиот необичен и неспоредлив стил како гитарист. Во придружба на тројца од најдобрите македонски музичари, на овој навистина несекојдневен концерт, Шарески ќе го претстави својот највозбудлив репертоар до сега, жанровски шаренолика музика која не е наменета само за џез слушатели, туку за сите оние кои имаат уши.

Кире Кузманов – саксофон Славчо Коцев – тапани Оливер Јосифовски – бас Георги Шарески – гитара и композиции.

Билетите за овој несекојдневен концерт на Шарески се со цена од 300 денари и може да се набават онлајн на следниот линк: https://bit.ly/49F801D

Шарески е роден во Скопје во 1983, тој е плоден композитор, оркестарски аранжер и гитарист со автентичен и препознатлив стил. Во 2005 дипломира на катедрата за џез композиција на Беркли колеџот за музика во Бостон, САД. Од 2005 година до сега, објавува 9 албуми со авторска музика, во различни формации, домашни и интернационални изданија, и ја изведува својата музика далеку од границите на Македонија. Соработува со светски познатите – Francesco Bearzatti, Ernst Reijseger, Boris Bell, Luca Aquino, Nikolaus Neuser и многу други интернационално етаблирани музичари. Долгорочно престојувал и творел во САД, Италија, Германија и Кина, автор е на повеќе од 100 композиции, музика за документарен филм и театарски претстави, а како гитарист често гостува во жанровски шаренолики проекти.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.