Последниот концерт го одржа во Стокхолм

Опкружен со обожаватели од целиот свет кои сакаа да го слушнат и видат својот идол на неговиот проштален концерт, по половина век интензивна популарност, Елтон Џон во саботата вечерта ја воодушеви публиката во Стокхолм и официјално се прости.

Музичката ѕвезда ја започна својата проштална турнеја во 2018 година, а ја заврши сега, пет години подоцна во Стокхолм, отворајќи го последниот концерт со една од неговите најпопуларни песни „Bennie and the Jets“.

На последниот настап, Елтон испеа 23 песни од различни периоди од неговата долга кариера, меѓу кои „Rocket Man“, „Tiny Dancer“, „I Guess That’s Why They Call It the Blues“ и „Philadelphia Freedom“. Тој изведе три биса и ги отпеа „Cold Heart“, „Your Song“ и „Goodbye Yellow Brick Road“.

„Да се настапува за вас беше мојата причина да живеам, а вие бевте апсолутно брилијантни. Конечно завршив со турнејата. Не можам да ви објаснам колку ќе ми недостигате и колку ме направи скромна вашата поддршка. Тоа ќе остане со мене засекогаш“, рече 76-годишниот музичар.

Кога започна песната „I‘m still standing“, во Теле2 арената станаа околу 30.000 гледачи.

За време на концертот, Елтон Џон и оддаде почит на Арета Френклин со тактот од песната „Border Song“.
За време на неговата петгодишна турнеја, која беше прекината поради Ковид-19, неговите настапи ги следеа 6,25 милиони луѓе.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.