Вчера (05.03), по две полуфинални вечери, се одржа финалето на српскиот избор за песна на Евровизија, на кој настапи и нашата Тијана Дапчевиќ, а учествуваа вкупно 18 финалисти.

Победата ѝ припадна на Констракта, односно Ана Џуриќ родена 1978 година во Белград. Српската ексцентрична уметница ќе ја претставува својата татковина на Евровизија во Торино, Италија во мај. Констракта е мајка на две деца и архитект.

Нејзината песна „In corpore sano“ стана хит на социјалните мрежи и број 1 во трендинг на Јутуб во Србија за кусо време, иако на почетокот се сметаше за аутсајдер.

Таа беше изгласана со гласови од жирито и публиката. На второ место заврши Сара Јо со песната „Мушкарчина“.

Изборот беше совршено организиран, со одлични водители, концепт, раскошна сцена, специјални ефекти, евровизиски стил на гласање и што уште не. Многумина велат дека Србија успеа да си организира вистинска Евровизија во својата земја.

Песната на Констракта говори за начинот на живот на слободните уметници и поддршка за нив, за тоа како креираат и создаваат, а немаат здравствено осигирување. Целта на песната е да го фокусира вниманието на тоа.

Констракта не ја очекуваше победата и ја прифати збунета и со солзи во очите.

На српските медиуми се пишува дека песната е инспирирана и од член на нејзиниот поранешен бенд. Гитаристот починал од леукемија, наводно без здравствено осигурување, и сега неговото семејство се бори за да преживее.

Текстот на победничката песна започнува на специфичен начин со стихот „Која ли е тајната на здравата коса на Меган Маркл“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.