Богата културно-забавна програма викендов ќе се случува на неколку локации во Скопје и ќе понуди различни содржини за сите вкусови.
Како што информираат од град Скопје, денеска и утре (6 и 7 мај) публиката ќе има можност да проследи исклучително интересни настапи на врвни домашни и странски музичари од различни музички правци и жанрови, како дел од третото издание на Скопскиот градски фестивал.
Во терминот од 20 часот, вечерва фестивалот ќе се одржува во МКЦ, при што ќе настапи Мухамед Ибрахими – извонредниот македонски музичар, гитарист со уникатен на овие простори стил и израз. Неговата музика е фузија на рок, блуз и амбиент, со корени во балканскиот и ориенталниот фолклор.
Code 369 – во моментов најинтересниот македонски рок состав, составен од врвни музичари, со долгогодишно искуство. На настапот на СГФ ќе го промовираат материјалот од новиот албум „Стадиуми на љубовта“ (Stages of Love). Code 369 се одликуваат со енергични живи настапи, инвентивно музицирање и фантастичниот вокал на пеачката Ирена Димовска.
TexasFlood – најпознатиот и најдобар балкански и европски R’n’B бенд ни доаѓа од Белград, предводен од Ненад Златановиќ (Mr. Swagger), легенда на ритам и блуз сцената. Ненад има настапувано со некои од најпознатите светски музичари меѓу кои Lance Lopez, Lucky Peterson, Anа Popović, Enrico Crivellar, Ian Siegal, Matt Schofield, Alex Shultz, Big Daddy Wilson и Alto Reed.
Влезот за публиката во МКЦ ќе биде слободен.
На 7 мај, пак, во големата сала на Филхармонијата во 20 часот ќе настапат: Матија Дедиќ – најпознатиот хрватски и еден од водечките европски пиjанисти, композитор, син на Арсен Дедиќ и Габи Новак. Матија има настапувано со познати музички имиња меѓу кои Alvin Queen, Martin Drew, Ron Ringwood, Boško Petrović, Marc Murphy Band, Patrizia Conte, David Gazarov, Gianni Basso, Miles Griffith, Onder Fokan, Jean Louis Rassinfosse, Anca Parghel, Tomi Emanuel, Lenny White, Kendrick Scott, Jim Madison, Jeff Ballard, Vicente Archer, Buster Wiliams, Larry Grenadier, N.H.O. Pedersen, Ron Mcclure, Marek Patrman и Salvatore Maiore. Настапува и со најпознатите балкански музичари меѓу кои Здравко Чолиќ, Влатко Стефановски, Џибони и Тамара Обровац. Како лидер има издадено десет албуми.
Heller / Sasse / Gjakonovski / Kostadinovic Quartet – Квартет составен од некои од најдобрите европски џез музичари, ќе настапат за првпат заедно во овој состав на СГФ. Четворица музичари со исклучителни кариери, секој поединечно настапувал со врвни имиња од европската и светска џез сцена. На контрабас ќе настапи Мартин Ѓаконовски, најпознатиот македонски џез музичар, кој живее и работи во Германија.
Билети за концертите во Филхармонијата на 7 мај можат да се набават преку www.bileti.mk. Фестивалот е поддржан од Град Скопје.
Љубителите на доброто вино, пак, можат да го посетат фестивалот „Виноскоп 2022”, кој до 8 мај се одржува на плоштадот „Македонија“. Дванаесеттото издание на „Виноскоп“ на граѓаните им нуди богата музичка програма со домашни изведувачи и бендови, а за убавото расположение придонесуваат и македонските винарии кои што ќе ги зачинат музичките звуци со прекрасни македонски вина.
Денеска почнува и Меѓународниот фолклорен фестивал „САРАЈ ФЕСТ“ кој ќе трае три дена, до 8 мај. Овој меѓународен фестивал се организира по 12. пат во Сарај од културно уметничкото друштво „Дрита е Дервенит“ Сарај, во соработка со Општина Сарај и поддржан од Град Скопје. Учествуваат над 15 културно уметнички друштва од земјава и од странство, информираат од Град Скопје
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.