Синоќа во клубот Јагода во Битола, етаблирана точка која пар години е сцена за домашни и странски артисти од светот на електронската музика, за прв пат се организира концерт под наслов •Thursday We Jazz• на кој настапи македонскиот џез гитарист, композитор и аранжер Георги Шарески со своето трио, а специјален гостин беше младиот трубач со париска адреса и македонски корени Симеон Петров.

Шарески е џез музичар од светска класа, дипломец е на колеџот во Беркли-САД, има издадено седум албуми со оригинална музика и настапува на познати џез-фестивали низ цела Европа и светот. На концертот во битолскиот клуб Јагода, локација која е всушност реконструран железнички магацин и го има оној вајб на берлинската авангардна сцена, на која Шарески е веќе одомаќинет, настапи со познатата формација во која се Оливер Јосифовски на бас и Александар Петровски  на тапани.

Концертот на Шарески триото само потсети колку џезот е иновативен, колку личните стилови на музичарите имаат слобода, покажувајќи ја таа идеална димензија во која секој музичар има свој уникатен звук, како што секој човек има уникатен карактер.

Младиот трубач кој е роден и живее во Париз, Симеон Петров воодушеви и даде една поинаква димензија на неколку одбрани постари дела на Шарески, како и музика инспирирана од балканските, американските, па и африкански ритмови и мелодии.

За познавачите, во џез-клубовите во Европа, секогаш има концертна атмосфера. Публиката го посветува целото внимание кон бината, никој не зборува гласно, озвучувањето е совршено, а бендот може да изведува и дела со најнежна динамика. Тоа синоќа се случи во клубот Јагода и ја направи таа квалитетна разлика со она што се случува на нашите простори, кога доаѓаат џез музичари, односно кај нас музиката во живо во кафулињата и клубовите најчесто е третирана како позадинска, што го минимизира она што таа има да го каже и искомуницира со публиката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.