Tретиот месец од ретроспективата ВЕЛИКАНИТЕ НА БРАЌА МАНАКИ започнува со добитникот на Оскар за најдобар филм (и на уште три Оскари) во 2020 година, ПАРАЗИТ на Бонг Џун Хо.

Кинематографер е кореанецот ХОНГ КЈУНГ-ПЈО, добитник на Златна Камера 300 во 2018 година за кинематограферската работа на филмот „Б’рнинг“.

3 АПРИЛ (СРЕДА) 20:00ч
ЛАУРЕАТИТЕ НА МАНАКИ
ПАРАЗИТ
(Parasite)
Игран филм, Јужна Кореа
2019, 132 мин., колор, ДЦП
Режија: Бонг Јун Хо (Bong Joon-ho)
Сценарио: Bong Joon-ho, Хан Јин Вон (Bong Joon-ho, Han Jin-won )
Улоги: Сонг Канг Хо, Ли Сан Кјун, Чо Јео Јеонг, Чои Ву Шик (Song Kang-ho, Lee Sun-kyun, Cho Yeo-jeong, Choi Woo-shik)

Приказната го следи сиромашното семејство Ким од ниската класа и обидите на неговите членови да ги надминат класните ограничувања и достигнат височините на богатите. По една среќна околност, синот наоѓа работа како учител по англиски на ќерка од богатото семејство Парк, кое живее во една раскошна куќа во модернистички стил. По синот, и останатите од семејството Ким се инфилтрираат во богатото семејство Парк, работејќи разни домашни помошнички работи во куќата. Фасцинирани од животот во луксуз и богатство, тие максимално се обидуваат да го искористат семејството Парк, сè додека не се најдат во небрано после еден неочекуван инцидент.
ПАРАЗИТ е еден од најзборуваните и најнаградувани филмови последниве 10 години. Во 2019 година, филмот ја освои „Златната палма“ на Канскиот филмски фестивал, како првиот јужнокорејски филм што се закитил со оваа награда а воедно е и добитник на четири оскари, меѓу кои и оскарот за најдобар филм, со што стана првиот филм од неанглиско говорно подрачје што го освоил Оскар за најдобар филм и го зацементира Бонг Џунг Хо како еден од најдобрите современи режисери.
Во ПАРАЗИТ Бонг Џунг Хо ја третира неговата омилена тема, класната борба и нееднаквоста во современото општество. Филмот се регистрира на многу нивоа. Според зборовите на режисерот, тоа е „комедија без кловнови и трагедија без негативци“. Започнува како комедија на интриги, се развива во мелодрама и завршува како црна комедија со трагично хорор крешчендо. Врз фонот на сите овие жанровски референци е острата општествена сатира и ироничен коментар кој никогаш не се чувствува како дидактичка порака. Впрочем, и насловот на филмот е ироничен и ја одразува комплексноста на овие класни односи. Сигурно дека семејството Ким се паразити, бидејќи тие ја преземаат куќата на богатите Парк. Но богатите Паркови се исто така паразити, користејќи платена помош за пополнување и одржување на емотивните улоги и обврски кои тие не можат или не сакат да ги прават.
Директор на фотографија на филмот е корејскиот кинематографер Кјонг-Пјо Хонг, еден од највидните претставници на средната генерација јужнокорејски кинематографери, кој освен по соработката со Бонг Џунг Хо е познат и по „Шампион“, „Братството на војната“, „Мајка“, „Прогонувачи“, „Лелекање“. Во 2018 ја добива наградата „Златна камера 300“ за филмот „Горење“.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.