„Ejч-би-o макс“ го потврди снимањето на ТВ-серијата „Хари Потер“, во соработка „Ворнер брос Дискавери“. Засега нема многу подробности за приказната или кој ќе ги глуми главните ликови, но „Варајети“ пишува дека се планира целосно нова актерска екипа.

„Вашето писмо до Хогвортс е тука. ’Макс’ ја нарача првата ТВ-серија за Хари Потер, верна адаптација на иконските книги“, напишаа продуцентите на Твитер покрај видеонајавата. – „Секоја сезона ќе биде автентична за оригиналните книги и ќе ги носи Хари Потер и неговите неверојатни авантури пред нова публика ширум светот, додека и оригиналните, класични и сакани филмови ќе останат во срцето на брендот и достапни за гледање низ целиот свет, се вели во соопштението.

Натаму, секоја од сезоните би го земала заплетот од една од седумте книги, што значи дека серијата би се снимала со години. Претходно се пишуваше дека авторката на книгите, Џ.К. Роулинг треба да учествува во создавањето на серијата. И таа вест сега е потврдена.

Во партнерство со „Ворнер брос ТВ“ и Џ.К. Роулинг, оваа нова серија ќе нурне длабоко во секоја од култните книги во коишто обожавателите продолжија да уживаат сиве овие години, изјави директорот на „Ејч-би-о“, Кејси Блојс.

Роулинг ќе биде извршен продуцент, заедно со Нил Блер и Рут Кенли-Летс. И Дејвид Хејман е во преговори за продуцент.

Писателката ја објави првата книга за Хари Потер во 1997., а последната, седма – во 2007 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.