Поништувањето на партнерството со „Адидас“ е голем удар за богатството на раперот Кање Вест. Тој сега и официјално веќе не е милијардер.

Компанијата за спортска опрема ја прекина соработката со Кање, по повод неговите антисемитски изјави, објави „Форбс“. Стручното списание го процени тој договор на Вест на 1,5 милијарди долари и нагласува дека финансиската состојба на музичарот сега паѓа на 400 милиони долари.

„Адидас“ вчера ја објави својата одлука да го прекине партнерството со Вест, т.е. производството на линијата обувки и облека „Јизи“ (Yeezy) на раперот е веднаш прекинато. „’Адидас’ не толерира антисемитизам и секаков друг вид говор на омраза. Неодамнешните коментари и постапки се неприфатливи, полни омраза и опасно ги нарушуваат вредностите на компанијата за различност и вклученост, меѓусебно почитување и правичност“, соопшти германската компанија.

Овој потег доаѓа набргу откако и агенцијата за таленти CAA го отпушти Вест (45), а филмското студио „МРЦ“ одлучи да не објави завршен документарен филм за 24-кратниот добитник на „Греми“. На почетокот на овој месец, профилот на Вест на Инстаграм беше делумно блокиран, а и неговиот профил на Твитер беше заклучен поради објавите што се оценети како антисемитски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.