Предраг Димитровски

Последните партиски трибини за подигнување на моралот на владејачкиот СДСМ се претвораат во вистински празници. Што би рекле нашите постари, „со црвено запишани“. Да му ја исполнат, едноствно, душата на човека.

За жал, повеќе со глупости, кои во целост ги отсликуваат менталниот склоп и забеганата удбашка (б)аналност на намесникот и на партиската, и на премиерската позиција, Димитар Ковачевски и на целиот СДСМ, кои немаат мрднато ни милиметар напред ни од далечната 1945, ни од култниот „Среќна нова 49“ во режија на Столе Попов.

За неверување и чудење е речиси 80 години подоцна една од главните мантри на владејачкиот СДСМ и натаму да е градењето култ на личноста!!! И ни помалку, ни повеќе, туку од екс-премиерот Зоран Заев!!! Во главата се уште ми одзвонува пораката на онаа непозната (б)анална клиентелистичка струмичка несреќа.

„Градот што го даде градоначалникот, премиерот, хуманистот, миротворецот…знаете за кого зборувам, еве го овде со нас, оти душа не му дава да биде на друго место. Ама во срцево ги носам иницијалите ЗЗ, оти тоа мое срце чука во ритамот на напредната социјалдемократија…“.

Абе, чиниш, човек го слуша македонскиот евергрин на Зоран Милосављевиќ. „Во срцето носам една роза сина, но помина некој, розата ја скина“, пееше на времето тој, иако песната немаше никаква врска ни со партијата, ни со ребрендираната сина во црвена роза.

Да градиш култ на личност од ЗЗ мора да шмелцуваш во главата, да го правиш хуманист и миротворец мора да ти биде избиен бушон, во срцето да ги носиш неговите иницијали мора да ти е прегорен моторот! А, да зборуваш за напредна социјалдемократија, кога од неа нема ни „с“ од социјал, ни „д“ од демократија, веќе мора да бараш помош.

На истите социјалдемократи, малку поодамна им се случи нешто слично. Можеби се сеќавате, можеби не, но на поранешниот лидер, премиер и претседател на државата Бранко Црвенковски, во Охрид, една исто така клиентелистичка несреќа тргна да му ја бакнува раката, по што му остана прекарот „папата“.

Во СДСМ се е исто, само нив ги нема, иако меѓу двајцата постои разлика како меѓу Бог и шеширџија, барем во однос на заштитата на националните интереси. Додека едниот знаеше да ги почитува и штити, другиот ги распродаде како обичен џамбаз. А, од неговиот пат очигледно не скршнува ни Димитар Ковачевски. И по Тито, Тито, и по Заев, Заев!

На партиските струмички глупости Таче се смееше и ракоплескаше. Да не знае човек дали да го жали или да му се смее. Кутриот намесник. Ни знае каде се наоѓа, ни што прави, ни што му се случува.

Што би рекле неговите кумановци „у бандеру ќе удари“. Лебди изгубен некаде во вселената. Ама проценката на „структурите“ очигледно потврдува дека како таков им е потребен таму каде што е за да ја доврши започнатата домашна задача за бугаризација на Македонците и создавање од Република Македонија втора бугарска држава.

И кој за што, курва за чесност, а СДСМ и Таче за македонскиот идентитет, за партискиот континуитет, за Иван Ванчо Михајлов, за послушници и за ЕУ, во чија основа лежат отсуство на елементарна логика, непознавање на сопствената историја, злоупотребата на политичката моќ и ново сеење страв и раздор во македонското национално ткиво. За оние поупатените и кои знаат, веројатно ни прв, ни последен пат. Напротив.

Според добро подготвено удбашко сценарио од најмрачното поблиско и подалечно македонско минато, што партиските и медиумски пропагандисти го имаат проучено речиси до совршеност, Таче и СДСМ почнуваат кампања за нова пресметка со опозицијата, што ќе биде и основна матрица за парламентарните избори, кога и да се одржат тие, било предвремени, било редовни.

Притоа, компир гледаат, а месо вадат. Ја напаѓаат Левица, иако целта им е најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, а обете ги обвинуваат за „деструктивност“. А, во суштина, поголеми „лажови“ и деструктивци од нив ниту имало, ниту ќе има, зашто дете од мајка и пари од црковен олтар крадат.

Тоа е кога политиката ја водат обични џамбази и се сфаќа како средство за трговија со моќ, влијание, криминал, корупција, клиентелизам, непотизам… И за ова не е важно дали како основа ќе се земат говорите на Ковачевски, партиските соопштенија или настапите на партиските портпароли. Сите се исти како јајце на јајце и може, евентуално, да доаѓаат со еден ден задоцнување. Зашто, чисто гебелсовски, една лага повторена илјада пати од обичниот човек треба да биде прифатена како вистина.

Од што да почне човек? Како и секогаш, од основата. А, основата за пресметката со опозицијата следува по утврдениот факт дека владејачкото мнозинство го нема потребното мнозинство за уставните промени, со кои т.н. македонски Бугари треба да бидат внесни во Уставот како конститутивен елемент на државата, што, пак, е основен услов за конечно отпочнување на преговорите на Република Македонија за членство во ЕУ. И кој го презема ова ветување, власта или опозицијата? Власта, и тоа извршната, иако тоа не спаѓа во нејзина надлежност.

Кој велеше дека т.н. македонски Бугари треба да влезат во Уставот, но пред самиот влез на Република Македонија во ЕУ? Власта, односно екс-премиерот ЗЗ, или опозицијата? Повторно власта, а не опозицијата. Што е најтрагично, власта на СДСМ и на ДУИ во преговорите со Бугарија и ЕУ не успеа да се избори ниту за ова прашање, туку дозволи да биде основен чекор за отпочнување на преговорите.

Замислете, Димитар Ковачевски вели дека „Левица ќе го земе Мицкоски како нивен заложник, затоа што Мицкоски е слаб, нема визија, нема став, тој е обичен послушник на Никола Груевски“.

Намесникот Ковачевски, кој е гола копија на ЗЗ и без избори седна во премиерската фотелја го обвинува Мицкоски дека бил обичен послушник на неговиот партиски претходник Груевски! Зини земјо, голтни ме!

Леле мајко колку е Ковачевски силен, со вештачки напумпани мускули, невиден бодибилдер, кој само заради абдоменални проблеми морал да ја избегне регрутацијата од редовите на АРМ! Згора на тоа, секој ден се жали како јатрва на селска чешма дека кога го прифаќал бугарско-францускиот предлог чувствувал како некој со нож да му го сече стомакот.

Уф, цела среќа, што тој некој не згрешил за микрон или милимикрон. Инаку, којзнае што можело да се случи, скраја да е. За визијата и ставовите на Таче ич и да не говориме. Тие се јасни како ден и исти на тие на ЗЗ-создавање нови „северномакедонци“, историски инженеринг со кој македонскиот јазик и историја почнуваат од 1944 година, исто како и досегашните Македонци, кои треба да исчезнат од земјината топка како коминтерновска творба и грешка на природата!

Ако не е така, еве нека се обиде самиот да извади било каков личен документ во кој ќе му стои дека е Македонец. Ама нема да успее, зашто најголемиот „идентитетски дострел“, и негов, и на неговиот претходник, како и на слепите партиски послушници се трите коси црти и ништо повеќе од тоа!

И сега со овие три коси црти Таче и компанија го плашат народот дека ако дошла опозицијата на власт „повторно ќе го доведуваат во прашање македонскиот идентитет“! Па, може ли, логично, повторно да се изгуби нешто, што е веќе изгубено? Може само во главите на овие шупелки, што за жал се именуваат како власт.

Ако не е така, ајде Таче на избори, а не целото идентитетско разнебитување на Македонците да го завршите без елементарна проверка на довербата и согласност на граѓаните.

Јасно и гласно кажете им на Македонците дека се согласувате дека постојат од 1944 година, дека нивните претци биле „обикновни“ Бугари, дека се коминтерновска творба, која нема своја територијална, етничка и јазична етногенеза, и поради тоа треба беспоговорно да прифатат дека Република Македонија мора да биде само втора бугарска држава и ништо ни помалку, ни повеќе од тоа. Во најлош случај може само да се подели меѓу Албанија и Бугарија. Ајде Таче собери храброст и крени ја главата, доста ја криеш во својот долен веш!

А, за да можат граѓаните да добијат што поверодостојна слика за вистината, патем можеш и да ги отвориш за јавноста стенограмите од затворената седница на собраниската Комисија за надворешна политика на која се дискутираше за Договорот за добрососедство, пријателство и соработка.

За да видат кој за што се залагал, односно кој предупредувал на штетноста на бугарските барања и асиметричноста во него, а кој се залетал со грло во јагоди, верувајќи во слаткоречивоста на Бојко Борисов, па како најпаметен меѓу македонските политичари ставил потпис на него, а сега цената за се треба се уште да ја плаќаат само и само етничките Македонци и никој друг. Како аморфна маса без елементарно човечко достоинство.

И на крајот за Иван Ванчо Михајлов, статутот и континуитетот на ВМРО-ДПМНЕ, една типично удбашка (б)анална мантра, што е стара, па и постара и од државата Република Македонија, и од самата партија.

ВМРО-ДПМНЕ на политичката сцена постои повеќе од 30 години и до сега никој не го поставил прашањето за нејзиниот статут, во кој се презема континуитетот на историското ВМРО, што значи дека меѓу плејадата историски револуционерни имиња се наоѓа и името на Иван Ванчо Михајлов, па и на Тодор Александров.

Љупчо Георгиевски, првиот лидер на партијата, неодамна даде свое објаснување дека, парафразирано, Михајлов го прифатиле заради неговата борба против србизацијата на Вардарска Македонија. Тоа е негово објаснување, што очигледно не го задоволува СДСМ, кој се обидува Ванчо Михајлов да го претвори во жежок костен за ВМРО-ДПМНЕ, (не)свесен дека со тоа сече уште една историска гранка на државата.

Очигледно, СДСМ историјата ја сфаќа на два начина. Прво, како драгстор од кој може да се земат само подобните ликови и второ, како таа да може да биде само бела или само црна. Но, притоа го заборава основното правило дека во историјата ниту ангелите се толку бели, ниту ѓаволот е толку црн и секогаш постојат нијанси, што соодветствуваат во даден простор и време.

Само за илустрација, „архивата на Ванчо не смее да заврши во бугарски раце“ е изјава произлезена од уста на член на ВМРО-ДПМНЕ или од устата на некогашниот прв човек на УДБ-а, што ќе рече од редовите на СДСМ, Добри Величковски?

Црните страници на УДБ-а велат дека тие се изречени од Величковски, а не од било кој член на ВМРО-ДПМНЕ. Ако Михајлов важи за најголем фашист и негатор на македонскиот народ, зошто УДБ-а настојувала да дојде до неговата архива? За да сади цвеќиња со неа или да може да продолжи со конструкциите за создавање внатрешни непријатели на државата?!

Архивата на Ванчо, благодарние на Вида Боева, неговата доживотна секретарка, сепак заврши во бугарски раце. И ајде СДСМ нека наведе еден, само еден пример за научно истражување на истата таа архива од страна на македонски историчар, што го финансира било кое министерство, кое има допирни точки со науката. Нема такво нешто, ниту пак ќе има.

А, континуитетот на ВМРО-ДПМНЕ со историското ВМРО е истовремено и континуитет со македонската револуционерна организација и со Илинденското востание. Било какво раскинување на тој континуитет ќе значи и прекинување на континуитетот на Илинденското востание со антифашистичката борба од Втората светска војна, што нели е основата на македонската државност.

Тоа ли го сака СДСМ?! И тоа во време кога историското ВМРО треба да биде тема задничката македонско-бугарска комисија за историски и за прашања за учебниците!

Удбашката конструкција за некаква поврзаност на современата ВМРО-ДПМНЕ со фашизмот на Михајлов е само обична магла зад која треба да се затскријат новите планирани отстапки на владејачкиот СДСМ кон Бугарија. Зашто, илузорно е ВМРО-ДПМНЕ да се обвинува за бугарските клубови „Иван Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“. Виза за нивното отворање даде власта на СДСМ, исто како што власта го потпиша антимакедонскиот Договор за добрососедство, соработка и пријателство.

И од овие факти нема бегање ни од македонскиот народ, ни од судот на историјата. Да биде иронијата поголема, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го отвори предметот за клубот во Битола по интервенција на битолските борци од НОБ, на чиј континуитет се повикува владјачкиот СДСМ!

Притоа, ништо не помага фразата, што во последно време многу често ја користи премиерот Ковачевски дека Република Македонија била Европа во мало. Не, Република Македонија не е Европа во мало, туку европски дел на Отоманската империја, а таква ја направи никој друг, туку власта на СДСМ.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.