Васко Шутаров

Сакам да верувам дека мојата генерација нема да биде запаметена како последна, која силно веруваше, се образуваше и се одредуваше според зборот, се поврзуваше, се отуѓуваше или се оддалечуваше преку зборот, генерација која се вљубуваше и се одљубуваше, понекогаш и убиваше преку зборот, преку пресилниот збор! (како славниот поет од едно наше време). За мојата генерација, прапочетокот на сите нешта беше содржан во зборот, крајот на сите нешта се обликуваше во збор, а неименливото за нас, беше само повеќе од обичен збор!

Можеби најсликовито, комплексниот однос на нашата генерација кон зборот, во едни свои антологиски стихови, го опишува шведскиот поет, писател и долгогодишен претседател на Нобеловиот комитет за книжевност, Артур Лундквист:

„Зборот ѝ служи на стварноста, со неа владее, зборот ги следи вистината и лагата со исто задоволство, зборот е слободен и заробен, зборот е студено оружје! Зборот е стомак што топи карпи, брдо поголемо од самото брдо, пред сè, сите битки биле за зборот, зборови противречни. На разни места истиот збор стои наспроти самиот себе!“

Нашите битки и со зборот и за зборот продолжуваат, посебно, во модерниве дигитални времиња, во кои на помладите генерации им е поедноставно да се разберат преку стикери, емотикони, акроними, емоџија и мемиња, а ние, ништо покуси не останавме за тие нови задоволства! Но, мојата генерација не се предава, жилаво се бори да го зачува Неговото Височество Зборот, дури избира и зборови кои се главно обележје на годината! Да, за мојата непоправливо оптимистичка генерација, дури и емоџито „смеење со солзи“ беше пред некоја година, збор на годината?!

Да, за честа и престижот на зборот, барем во светот, најзаслужни се англиските речници „Колинс“ и „Оксфорд“, кои еднаш годишно ги избираат топ десетте зборови, како и зборот на годината, а со нивното објавување најчесто предизвикуваат своевидна бура во јавноста. Бројните дебати кои се отвораат по објавувањето на изборот, само покажуваат дека зборот, јазикот и говорот се сѐ уште огледало на едно време, на едно општество, на една општествена јавност и жива комуникација и дека токму преку новосоздадениот збор се одредуваме одново кон бројни нови нешта и нови појави кои актуелно ги живееме. А токму и според тие десет зборови на годината, најчесто неологизми кои го одредуваат новото, подобро разбираме каква во својата суштина била годината и со какви траги нѐ обележала.

Колинсовиот речник прв пат објавен уште во 1824 година, годинава го одбра зборот „пермакриза“ (анг. permacrisis), за збор на годината, а неговото значење го објаснува како „продолжен период на нестабилност и несигурност кој настанува како резултат од серија катастрофални случувања“. Навистина, ако ги собереме заедно во серија сите кризи што ни се случија од пандемијата, па до воените судири, брзорастечката инфлација, кризата со гасот и ценовниот скок на енергенсите, економската нестабилност, климатските промени, пермакризата најдобро ја отсликува актуелната постојана криза и претставува логичен и крајно прецизно избран збор. Барем во англосаксонскиот дел од светот!
Интересно е дека Колинсовиот речник ги избира најфреквентните и највиралните зборови во англискиот јазичен простор, во едно море од постојани сеизмички јазични промени кои во суштина се огледало на тектонските општествени промени, па за годинава која ја живееме, освен зборот permacrisis, ги избра и зборовите partygate, quiet quitting, warm bank и splooting, како најкарактеристични за годинава во изминување. Partygate, тоа е кованица која претставува ознака за декадентниот двоен морал и организирањето забави во владините кабинети на „Даунинг стрит“ за време на долгите карантини и секакви други забрани за време на пандемијата. Quiet quitting или „тивок отказ“ означува една нова појава во расположението за извршување на работните обврски, со кое само се исполнуваат основните задачи и обврски без посебно залагање, без потреба од натпреварување или посебно внесување себеси. Warm bank претставува израз за јавни места, најчесто библиотеки или места за богослужби, во кои за време на студените зимски месеци се отвораат вратите и за бројни посетители кои овде престојуваат само за да се стоплат, бидејќи во своите домови немаат греење, а splooting е израз за домашните миленичиња, за нивната позната поза кога се оптегнати на стомак и со испружени шепи, за да се изладат оптимално кога се изложени на пеколно сонце во летните месеци. Ако кон ова го додадеме и Kyiv во серијата најкарактеристични зборови за 2022 година, тогаш се комплетира складот помеѓу јазичните и општествено-политичките промени што ја обележаа тековната 2022 година.

Кога би се направил мал преглед на зборовите на годините според „Колинс“, веднаш станува јасно по што и во иднина ќе ги препознаваме тие изминати години, барем во англиското јазично подрачје. Минатата година тоа беше кратенката за незаменливиот токен NTF, кој тогаш стана своевиден симбол на дигиталната револуција во културата, односите и начините на деловното работење, во 2020 година тоа беше зборот „локдаун“, а во 2019 година „климатски штрајк“, асоцијативно поврзан со Грета Тумберг која го предводеше глобалното движење за климатски промени. Претходните години останаа запаметени по неологизмите „Еднократно/за една употреба“ од 2018 година, „Брегзит“ од 2016 година, „Непрекинатото гледање“ (кога се гледаат повеќе епизоди од една серија во еден здив), од 2015 година, но и зборови кои биле составен дел од многу тогашни трендови и појави, ghosting (кога се прекинува врска со нејавување), dadbod (буцмаст маж кој станува тренди), contactless (бесконтактно) или manspreading (кога некој во градски превоз се рашири таман толку за никој друг да не може да седне до него).

Оксфордскиот речник, со ништо помалку популарност, избира збор на годината и преку него можеме лесно, без посебно пребарување по интернет, да се сетиме на „селфи“ од 2013 година, емоџито „солзи од радост“ од 2015 година, „пост-вистината“ од 2016 година или „токсично“ како збор на годината во 2018 година. За време на пандемијата од коронавирус, сите позначајни лексигрофски институти издвоија некои од најзначајните зборови што ги обележаа тие години, па така, „Колинс“ го одбра локдаунот, а „Оксфорд“, без да одбере само еден збор, се определи за сет од зборови кои го содржат зборот вакцина. Државниот институт за руски јазик „Пушкин“ за време на пандемијата се определи за зборот „Спутник“ (името на руската вакцина против коронавирусот), а американскиот Merriam-Webster се определи токму за зборот пандемија. Јапонците пак, во склад со нивната животна философија, во години кои доминантно се паметат по некоја национална катастрофа или трагедија, каква што беше нуклеарната катастрофа предизвикана од разорниот земјотрес во Фукушима во 2011 година, за збор на годината го одбраа навивачкото име што го носеше нивната женска фудбалска репрезентација во фудбал, која го освои светското првенство таа година – и годината остана забележана како „Надешико Јапонија“, за да врзува позитивни чувства и сеќавања, во година запаметена по земјотресот, нуклеарната катастрофа и по катастрофалното цунами, кои однесоа во смрт илјадници човечки животи.

За разлика од белиот свет, во „мојата земја“ или „нашата држава“, никој посебно не води сметка за најсериозните и најургентните „македонцки работи“, а не пак за доминантно карактеристичните зборови кои ја обележале годината, иако секој од нас може слободно да процени кои зборови во одредени периоди биле доминантни во јавниот јазичен и говорен простор. Токму како „мојата земја“ или „нашата држава“, кои во годините по Договорот во Преспа (или само „Преспа“, збор кој остана во топ 10 најчесто користени зборови од 2017 година до денес) станаа главна заменска одредница за државата, за земјата, за Татковината кои повеќето од нас милуваат да си ја нарекуваат едноставно, како Македонија! А токму Македонија, полека но сигурно исчезнува од десетте најчесто употребувани зборови во јавниот пишан и говорен простор, како годинава, така и во годините по Преспа!

Во Македонија во 2022 година, можат од прва да се декларираат зборовите кои беа најчесто спомнувани, кои го исполнуваа најгласно јавниот простор и кои ја обележаа годината, како што се: француски предлог; бугарски културен клуб; фашизам, антифашизам, Господине Хитлер!, денацификација, Украина, македонски тенкови, Русија, руски шпиони, хибридна закана; „Отворен Балкан“, бетон-идентитет; чист македонски јазик, тачевизам, македонски културен клуб, најтешка зима, криза, повторно поскапување, ќе има струја!, ќе има парно!, ќе има вода!, ќе има поевтина храна!, ни треба весела и забавна култура!, не ни требаат анкетни листови, дојави за бомби, студентски оброк, нашинците, промена на Устав, криминал и корупција, човек што глуми дека можеби се познава со соселанец, но не е сигурен дека го познава?!, човек фатен на слика дека сепак добро го познава!, јавен обвинител без биографија и програма?!… Доволно?! Повеќе од десет зборови на годината-и тоа од прва, а ниту еден кој провоцира позитивни чувства, ниту еден кој емитира емпатија, солидарност, интегритет, единство, ниту еден кој асоцира на морал и етика, на човечност и одговорност, без ниту еден збор, барем малку безгрижен збор, кој асоцира на некаква радост на живеење?!
Кога некој неук или неверзиран посматрач од страна би ја погледнал оваа низа од најчесто употребувани македонски зборови на годината, прво што би помислил и би се запрашал, дали Македонија ја живее својата 1945 или својата 1948 година?! А зошто пак ние, поверзираните и поуките, имаме право да мислиме и да веруваме дека не е баш така?!

Дали Балканскиот институт за хуманистички науки, литература и култура од Скопје, кој за прв пат минатата година по примерот на многу други земји избра пет македонски зборови на годината, ќе го погоди јазичниот нерв за годинава на изминување, останува да видиме за некој месец! Јас само сакам да верувам дека мојата генерација нема да биде онаа последната која, иако родена со вербата дека на почетокот беше зборот, во меѓувреме нема потполно да раскрсти со зборот! Со зборот кој води, кој освојува, негува, поврзува, создава, зацрвстува, зборот кој љуби, со кој се одљубува или со кого „се убива“! Зборот со кого се раѓа и со кого се умира! Се надевам искрено, дека нема целосно да ù се препуштиме на „јазичната дембелана“ (според Конески), туку дека ќе имаме нерв и сенс кон новата лексика којашто го рефлектира новото во нашето секојдневие, дека ќе имаме уште сенс и нерв кој ќе реагира и ќе се бори против деградирањето на зборот, против злоупотребата зборот да биде најсилна алатка во манипулациите, лагите и креирањето паралелни реалности, против неговото деградирање во празни истрошени флоскули-како празни лушпи од кои избегале заедно и животот и зборот!

Не случајно сме во моментов така, далеку од своите животи и далеку од своите зборови!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.