Васко Шутаров

Кога кон крајот на Првата светска војна било објавено делото „Пропаста на Европа“ од Германецот Освалд Шпенглер, тогашната европска политичка и академска елита доживеала силен интелектуален шок, а бурата во јавноста ја смирувала со нималку одмерена критика, дека делото е дилетантско и во голема мера невкусно и вулгарно.

„Пропаста на Европа“ е дело, кое цел еден век по неговото објавување, не престанува да интригира и кое несомнено спаѓа во редот на најчитаните политичко-социолошки четива од минатиот век. А како и да не биде, кога толку моќно и убедливо, сѐ уште, параат уши луцидните предупредувања во него: „Ти умираш! Ги гледам во тебе сите значајни белези на стигмата на пропаста! Можам да докажам, дека твоето големо богатство и твојата голема сиромаштија, твојот капитализам и твојот социјализам, твоите војни и твоите револуции, твојот атеизам, твојот песимизам и твојот цинизам, твојот неморал, твоите уништени бракови и твоите контроли на раѓање, ја цедат од тебе и последната капка крв одоздола и те убиваат одозгора, те убиваат во мозок – и ќе те истребат -можам да ти докажам дека кај тебе се забележуваат сите знаци на земјите во умирање од некогашните времиња – Александровите, грчките, римско- невротичните!“.

Вулгарно и дилетантски ли е, стотина години потоа, покрај бројните коинцидентни препознавања и гротескни историски преповторувања на трагичното, да потсетуваме и да повикуваме, токму ние, на еден од најлуцидните профетски умови на Европа ̶ и, да предупредуваме?! Токму ние, Македонците, кои, патем, освен што го изодуваме најдолгиот пат кон Европа, уште и органски болно мораме да го искусуваме европскиот пад на сите вредности кон кои толку долго и така здушно се стремевме.

Вулгарно ли е, ако денес и овде, биде потсетена актуелната европска власт, дека големи мислители и умови токму од Западот како Тојнби, Шпенглер или Сорокин, предупредувале дека: „Западот е во криза“ и дека токму „во таа криза, во современата западна сензациска култура исчезнува граничната линија меѓу вистината и лагата, меѓу исправното и погрешното, меѓу убавото и грдото, меѓу позитивните и негативните започнува тогаш кога нема да успее да одговори на клучните предизвици, a проучувајќи ги животните циклуси на 26 светски цивилизации, може да заклучи дека цивилизациите не се убивани, туку дека тие се самоубиваат“ (Тојнби) или дека: „на Европа ѝ се подготвуваат смрт на културата и на историскиот развој, по што следува враќање во едно безисториско време“ (Шпенглер)?! Или, конечно, искажаното мислење, дури и од устата на еден од визионерите и проектантите на Европската Унија, дека: „Ако еден ден Европа повторно се обединува, наместо економија, културата мора да биде нејзин обединувачки мотив“ (Жан Моне).

Вулгарно ли е, драга Европо, ако на еден народ и на една држава кои никогаш во својата историја не биле агресори, ниту биле аспиранти кон туѓото, ниту нетолерантни кон различното и другото, на толку посакуваниот пат кон евроинтегрирањето, императивно да им поставите толку нефер и неправични услови за себенегирање и за себепоништување, за еден далечен и со ништо одреден ден, да станат дел од заедничкото европско семејство?

Вулгарно ли е, Европо драга, што наместо држави патрони, сојузници, олеснувачи и несебични поддржувачи, какви што имаа помалите држави кога подоцна влегуваа во европското семејство, воведувате непримерно туторство врз една помала европска држава од друга ваша држава членка, која патем е најкорумпираната, најсиромашната, а со тоа и најнепримерната членка во Унијата, дозволувајќи ѝ да се изживува врз нас и врз сето она на што почиваат европските вредности и вие како заедница?

Вулгарно ли е, Европо, кога третирате една млада држава, како непосакувано дете од улица кое треба да биде превоспитано за да биде усвоено и кое патем треба да заборави на сѐ свое, па уште одредувате и администратори тутори, кои тоа себезаборавање и самопоништување годишно ќе го надгледуваат и оценуваат?!

Вулгарно ли е, Европо, ако една кревка демократија како македонската, со вашиот непринципиелен „земи или остави предлог“, ја доведете до потполна внатрешна поделеност, дури и по најчувствителните етнички и интраетнички линии на разграничувања и поделби, како никогаш досега од осамостојувањето на државата пред 30 години.

Вулгарно ли е, Европо, ако токму европскиот специфичен белег во македонското парламентарно одлучување ̶ Бадентеровиот принцип за заштита на помалите заедници од мајоризација во македонскиот парламентарен простор, го претворивте во негов антипод, преку кој еднаш надгласаното мнозинство од македонски пратеници и тоа за најважните македонски идентитетски, образовни и културни прашања кои нив директно ги засегаат, може лесно да стане вовед во долготрајна уставна криза, која веќе е во најава?!

Вулгарно ли е, драга Европо, во третата деценија од 21 век, да го извртувате сопствениот вредносен систем на глава, тајно преговарајќи за прашања кои директно ги засегаат најголемите права и слободи од вредносниот систем, кој и ги мотивираше Македонците толку силно да ја посакуваат ЕУ, како што се: правото на самоопределување, правото на свој јазик, на свој идентитет, своја култура и своја историја, корпусот слободи и права на граѓаните, кои уште силно ги декларирате, а во пракса ги газите кога треба да најдат примена кај помалите и незаштитени држави и народи.

Вулгарно ли е драга Европо, што и овојпат, воопшто, не го испочитувавте доминантното јавно мислење на граѓаните, туку се поведовте по ветувањата на ваши клиентелистички партиски клики, кои долго време ја немаат мнозинската доверба на народот, за само нив слепо да ги поведете кон еден хипотетичко-теоретски модел на преговарање со безброј потенцијални вета во најава, преку кои, толку дипломатски невешто се обидувате да ги покриете вашиот отпор и одиум, како кон нашата, така и кон другите држави од т.н. Западен Балкан.

Дали е вулгарно, стара, добра и отмена Европо, што во 21 век сѐ уште страдате од детските болести предизвикани од стереотипи и предрасуди кон културите на помалите народи и држави, наместо во јасно прокламираните цели за единство на различностите во културата и во тактот на Бетовеновата „Ода на радоста“, да ги прегрнете и да ги прифатите како неодвоив дел од европското културно наследство и неизоставен дел од новокреираниот единствен европски културен простор?!

Дали е вулгарно, добра стара Европо, што цел еден век по крајот на Првата светска војна и тогаш јасно прокламираните цели на Вудро Вилсон за ставањето крај на тајните дипломатии и преговори, кои беа причина за сите големи уништувачки зла на европскиот континент, повторно преку најголем степен на тајност, преговарате и прекројувате судбини и иднини на народи и држави, дрзнувајќи се, патем, да преговарате за нешто што во меѓународните односи има статус на светост, како што е правото на самоопределување, на пример?! Белки, знаете, какво загрижувачко и вознемирувачко ехо се создава во македонската колективна меморија кога ќе се споменат тајни дипломатски игри и асоцијациите на нив од минатите векови?!

Дали е вулгарно, толку рафинирана и фина Европо, што во 21 век, со ваков срамен и понижувачки предлог-договор за европска преговарачка рамка, „понтиј-пилатовски“ ќе миете раце од него, со дополнителен меѓусоседски протокол (патем, неизоставен дел од Рамковниот договор), според кој легитимно ќе воведувате цензура (и тоа на голема врата) во културата, ќе воспоставувате систем од санкции во слободата на говорот и изразот, па дури и на уметничкиот израз, а наместо вистинска реформа во образованието, ќе протежирате ревизија на нашите учебници по историја и географија и ред други небулози од чист орвеловски тип. Вулгарно е, колку што сево ова е далеку од копенхагенските критериуми за пристапување во заедничкото европско семејство!

Дали е вулгарно, најдрага Европо, со унилатерална изјава да ни го (и)менувате сопствениот мајчин јазик, да ни го толкувате сопствениот идентитетски код за себепрепознавање и разликување од блиските јазици и култури?! И патем, да биде уште повулгарно, наместо да ни помагате во справувањето со несносливата пенетрација на криминалот и корупцијата во сите општествени пори, за вистинска реформа на правосудниот систем, во создавањето функционална и исполнителна државна и јавна администрација, во реформа на здравствениот и образовниот систем, вие приоритетно да ни воведувате надзор и администрирање на теми од темниот среден век, небаре со него полесно ќе го осветлите патот кон европското интегрирање?!

Вулгарно е, колку што е непримерно нашата историја да биде залог за нашата европска иднина!
Дали ќе биде вулгарно, ако меѓународно дефинираниот говор на омраза добие уште и своја балканска специфика и полн легитимитет преку неговата примена и подложност на оценка од ваша земја членка, преку институционално следење на јавната комуникација (без никаква гаранција дека нема да биде помината тенката линија помеѓу јавното и приватното, кое во балканскиот јавен простор многу лесно и многу често се губи), која може да го возбуди или да го вознемири чувствителното уво, ненавикнато на поинакво, различно и, пред сѐ, слободно мислење?! Наместо да им помогнете на нашите соседи и ваши држави членки во спроведувањето и вистинското практикување на начелата и на принципите на слободите на говорот, слободата на јавното изразување и слободата на медиумите, кои подолго време се наоѓаат на европското дно?! Вулгарно е или само така ни се чини?!

Дали нема да е вулгарно, ако набргу по сево ова, пренасочите огромни европски фондови токму кон балканскиве политички клики и нивните граѓански и невладини здруженија кои заеднички ги негувате и ги поддржувате да го менаџираат токму говорот на омраза кои самите со своите политики го провоцираа, создаваа и издигнаа до неподносливо ниво на наполна недоверба и непримерна меѓусоседска омраза?!

Дали е вулгарно, Европо, во ваква меѓународно-правна асиметрија да вклучувате две европски држави и два европски народи, небаре предлог-договорот сте го испишале со перото од некои минати векови и во духот на најдобрите империјално-колонијални традиции, како со племенски табори од некои други времиња и континенти?! И дали ќе беше помалку вулгарно ако, покрај кариеристите и клиентелистите што ни два гроша не даваат за заштита на државните и на националните интереси, седневте на зелената преговарачка или, барем, консултантска маса и со достојни и, пред сѐ, едуцирани и посветени партнери од македонска страна?! Претпоставувам и повеќе би нè ценеле така, бидејќи првите силно ги презирате, токму поради нивното отсуство на национална и државничка свест во водењето преговори со вас?!

Дали ќе е вулгарно, драги Европејци, ако ви се повтори и каже, дека во една очигледна европска криза на лидерство, така несмасно и толку безобѕирно удривте врз една мирољубива, природно убава и културно привлечна држава, по нејзиното највредно, најсвето и највитално, убивајќи ја постепено и долгорочно, ништо поразлично што овде и сега, на европско тло го прават Путин и Русија во Украина?! Вулгарно ли е ова за вашите уши, барем колку што е непримерно вулгарна за нашите уши, закрвавената македонска дебата, меѓу т.н. рубља-патриоти и т.н. евро-патриоти?!
Дали ќе е вулгарно, драги Европејци, токму од Македонија да ви се препорачаат за препрочитување големите европски умови кои предупредувале токму на ваквата Европа денес, самобендисана, себезатворена, себедоволна или кажано со јазикот на Оскар Шпенглер, ̶ псевдоморфозна?! Европа, тој некогаш скапоцен минерал, кој денес создава своја нова форма, притоа однатре губејќи ги својата внатрешна структура, својот внатрешен сјај и севкупна вредност?! Така, Европо драга, се станува свој антипод, се станува Псевдо-Европа или Европа со крајно проблематични и докрај вулгаризирани вредности.

Дали ќе е вулгарно, драги Европејци, да ви кажеме дека понижувајќи нè нас самите, сами себеси се пониживте и себепоништивте, и ништо од денес нема да биде толку вулгарно, колку вулгаризираните псевдовредности што во меѓувреме ни ги понудивте како замена за старите добри европски вредности! И уште како замена за трајните македонски вредности, од кои и сами знаете ̶ никогаш нема да се откажеме!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.