Петар Поп Арсов

Јадро на политичката архитектура и економската моќ на европскиот континет! Заедница со незапирлива сила на гравитација која кон себе ги привлекува сите држави од Европа. Економска и политичка творба со исклучителна историја на интеграција и интегративен капацитет на сè она што некогаш се наоѓаше од двете страни на железната завеса и ситниот кусур во средината. Унија со неодолива апсорпциона моќ на квалитетна работна сила и најголем внатрешен пазар во светот со сопствена валута и непречена слобода на движење.

Со други зборови, ветена земја!

Или можеби земја на ветата?! Заедница на блокади, уцени и условувања?!

Се претвора ли ЕУ од ветена земја во земја на ветата?

Прашањето е легитимно. Не само заради Македонија која веќе е рекордер по добиените вета во процесот на интеграции, туку и поради самата Европска унија која од внатре се соочува со вета и блокади на сопствените политики. Тоа е прашање кое го иницира Олаф Шолц, канцеларот на Германија, водечката сила на ЕУ. Европската унија повеќе не може да си дозволи национални вета, особено не во надворешната политика, ако ЕУ сака и понатаму да и се слуша гласот во светот на големите сили, е заклучокот на Шолц.

Одамна ви го велиме тоа! Ние од овде, од Македонија!

Добро е што некој сериозен ја иницира оваа дебата во рамки на Унијата,  без оглед на првичното отсутво на поддршка, опонирањето и ставањето забелешки на германската позиција од не помалку сериозни ЕУ членки. Можеби на крајот од денот ќе се најде решение за излез од состојбата на парализа која ЕУ ја наметнува врз самата себе и сопствените соседи, а можеби не?!

Загрижувачки се најавите кои во вид на пробни балони, пуштени од Хрватската академија на науки и уметности, доаѓаат деновиве од Хрватска. После преседанот со бугарското вето кон Македонија за историски прашања, кремот на Хрватската наука се прашува зошто оваа формула не би можела да се примени и во случајот на Србија, Црна Гора или Босна и Херцеговина во полза на некакви хрватски интереси. Запрепастувачи е фактот што ова прашање не се иницира од некакви националистички и радикални екстреми кои егзистираат на маргините на хрватската политичка сцена, туку е продукт на кремот на хрватската наука и уметност.

Како што пренесуваат угледни германски медиуми, планот е да се испорачаат неколку барања кон Црна Гора, нешто повеќе кон Босна и Херцеговина и секако кон Србија ќе биде испорачан главниот пакет на барања кои Хрватска треба да ја направат „подобра земја“ по примерот на Бугарија. Доколку навистина официјален Загреб тргне по патот и умот на Софија тоа повеќекратно ќе го мултиплицира придонесот на Бугарија во „процесот на создавањето и примената на европските вредности“ по бугарски терк.

Не би сакал да верувам дека една Хрватска, која во нашите очи има лик на европска земја со европски манири, би го злоупотребила евроинтегративниот процес на своите соседи за да испорачува барања кои дел од нив имаат нереален, сензитивен, па дури и опасен карактер како што би бил случајот со евентуалното барање за сериозно преуредување на Босна и Херцеговина. Не би сакал да верувам дека некој таму, мотивиран од бугарските политики, на пример ќе дојде до небулозна идеја да ги оспорува јазиците на овие три земји и да ги дефинира како дијалект на хрватскиот јазик. Ова навистина делува небулозно и надвор од здравиот памет, но претставува одлична паралела и дефиниција за тоа какво е бугарското барање во однос на македонскиот јазик.

Ќе биде лудост доколку, исто така на пример, Хрватска го блокира евроинтегративниот процес на Србија и побара од српската држава признавање на хрватски национален идентитет на Никола Тесла, со акцент сето тоа да биде внесено во учебниците по кои се одвива наставната програма во Србија. И ова барање делува бизарно, но е уште подобра илустрација и паралела со бугарските барања кон Македонија поврзани со поимањето на националниот идентитет на личности со историско значење за Македонија.

И тоа не е сè!

Ова што до сега го гледавме е само дел од арсеналот кој Бугарија ќе го употреби кон Македонија во процесот на вистинските преговори кога вистински ќе започнат. Овие притисоци, уцени и блокади кои што беа употребени кон Македонија во периодот зад нас ќе делуваат исклучително бенигно во однос на тоа што ќе следи во текот на преговорите. Веќе на сите во Македонија им е јасно дека Бугарија во своите раце има цел шпил на карти на кои пишува вето.

Праксата која што се воспоставува со уважување на бугарските барања, преточени во вид на француски предлог и заверени како заеднички став на ЕУ дефинитивно ќе претставува сериозен проблем за Европската унија кој порано или подоцна ќе го почувствуваат земјите членки поединечно. Не е случајна реакцијата на Олаф Шолц кој во европското неединство, кое е последица на непочитувањето и отстапувањето од основните правила и принципи на устроеност и функционирање на заедницата, гледа сериозна закана по самата ЕУ. Закана која на крајот од денот ќе биде почувствувана од нејзините граѓани. Непринципилениот ЕУ пристап на Балканот, кој впрочем е само терен на мали голчиња, соодветно ќе се преслика и на големите глобални терени на кои реално треба да игра Европската унија.

Олаф Шолц воопшто не реагира поради македонската мака со начинот на одлучување во ЕУ. Тој реагира затоа што со ваквиот начин на одлучување веќе и Германија си има сопствена мака. Блокадите и ветата мотивирани од себичните позиции на поедини земји, особено во делот на надворешната политика ја прават заедницата исклучително неефикасна и ранлива во однос на сериозни геополитички прашања како што тоа е примерот со Украина и опкружувањето.

Ваквата неефикасност на Европската унија ќе има сериозен импакт врз прашања кои се од прв степен и од витално значење за егзистирањето и преживувањето на европејците од ЕУ. Енергијата, храната, работните места и покрив над главата ќе им станат главните „Копенхашки критериуми“ кон кои ќе бидат фокусирани и единствено заинтересирани доколку и понатаму продолжат со досегашниот начин на водење на политиките. Демократијата, владеењето на правото, човековите права, почитувањето и заштитата на националните малцинства и функционалната пазарна економија, кои се сржта на вистинските ЕУ критериуми од Копенхаген, ќе им изгледаат како идилична приказана од минатото која самите ја напуштиле и уништиле.

На ЕУ и треба нов пристап. Пристап кој ќе ги растерети политичките односи во самите земји членки. Пристап кој ќе ги разоружа и ослободи од правото на вето и ќе им овозможи да ја насочат енергијата на внатрешнополитички натпревар за конструктивни теми. За теми кои нема да ги вовлекуваат во внатрешни конфронтации за тоа кој е поголемиот патриот и кој е поподготвениот да испорача порадикални барања кон соседот… или во спротивно ќе му стави вето.

Го гледаме примерот со Бугарија. Таа е самата жртва на алатката која што ја има во своите раце. Алатката наречена вето. Таа самата влезе во спирала на неразумен и неевропски внатрешнополитички натпревар со покажување на мускули кон Македонија, нешто кое што ја одведе во неколку последователни неуспешни изборни циклуси и во предвремено паѓање на владата. И тоа само заради правото на вето… употребено кон Македонија. Револтот, реакцијата, протестите и борбата на македонскиот народ против бугарскиот диктат не беше антиевропска и анти ЕУ борба. Напротив, тоа беше борба за еднаквост, принципи и зачувување на оние европски вредности кои некогаш ги препознававме кај ветената земја и кон која со децении се стремиме.

Затоа ЕУ треба да се реформира и да ја укине можноста за ставање вето од страна на поедини и изолирани земји членки. Да се реформира затоа што процесот на проширување станува безпредметен, конфликтен, бесконечен и понижувачки за земјите кандидати, а во исто време анахрон и штетен за Европската унија. Да се реформира за повторно да стане ветената земја, а не како сега… земјата на ветата!

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.