Васко Шутаров
Какво проклетство е тоа кога народи блиски по род, јазик и култура, не можат да најдат заеднички јазик и да се разберат, па се фаќаат за оружје, подготвени и најкрвнички да се пресметаат меѓусебно. Каква зла крв е падната и каква зла коб е надвисната меѓу Руси и Украинци, Украинци и Белоруси, Белоруси и Полјаци, Полјаци и Чеси, Чеси и Словаци, Словенци и Хрвати, Хрвати и Срби, Срби и Бугари, Бугари и Македонци, народи поврзани со длабоки културни и цивилизациски корени, а да не можат меѓусебно да се разберат и трајно да се препознаат и да се здушат?!
Простите души словенски би рекле, некое „писание“ мора да е тоа?!
Точно е, има многу такви писанија, а за едно такво со сигурност се знае дека е испишано точно пред 77 години, во февруари 1945 година, во Јалта на Крим. На мало ливче хартија, тогашниот британски премиер Винстон Черчил ја исцртал повоената безбедносна архитектура на светот по Втората светска војна и ја споделил со американскиот претседател Франклин Рузвелт и советскиот комунистички водач, Јосиф Висарионович Сталин.
Со чии ракописи точно 77 години подоцна, пак од Крим, циклично почнува повторно да се исцртува новата светска безбедносна структура, можеби, ќе дознае нашата или некоја идна генерација, ако се склопи мозаикот од повеќе такви писанија, преку кои се руши еден и се воспоставува нов светски поредок.
Најмоќните отсекогаш го кроеле и го пресоздавале светот, и во голем дел, барем, за оние од видливата страна на историјата, може слободно да се каже дека биле луѓе и со раскошен дух и со врвна култура. Така, токму на Винстон Черчил му се припишува познатата мисла, поврзана со германскиот напад на Британија во Втората светска војна и со неопходноста од буџетот да се скратат најпрво парите од културата, кога рекол: „А што ќе браниме потоа?!“
Од познатите креатори на светскиот поредок, културата била суштински важна и од политички и од безбедносен аспект и за еден друг голем повоен американски политичар и дипломат, Хенри Кисинџер, кој не еднаш запишал дека: „Европа ќе живеe во стабилност и безбедност, само ако Украина се издигне како суверена држава и како цивилизациски, духовен и културен мост, помеѓу Истокот и Западот!“
Еден од татковците на европското повоено обединување Жан Моне, пак, во едно свое писание запишал: „Следниот пат градењето на обединета Европа ќе започне со култура, а не со економија!“
За овие три писанија во кои културата е дефинирана како мека моќ во меѓународните политички односи и во кои се смета дека може да ѝ пркоси и да ја надмине потребата од т.н. тврда политичка моќ: политички репресии, економски санкции или воени пресметки, со сигурност се знае дека се веродостојни.
Украина, една нераскажана добра приказна
„Има децении во кои не се случува ништо, но и недели во кои се случуваат децении“ запишал во едно свое писание Ленин, деновиве често спомнуван како еден од „виновниците“ за незбежната војна во Украина.
Што е она што Украина не го направи со децении, и денес, наместо да се издигне како цивилизациски и духовен мост помеѓу Истокот и Западот, преживува страшни недели кои траат колку цели децении и во кои како проклетство се остварува едно старa германскa вистина, дека „секогаш ќе остане ѓаволски појас и вечен коридор на војните!“
Зошто цели три децении, една огромна држава, со бројно милионско население, држава наследничка на непроценливо природно и културно наследство, не успеа да се стекне со имиџ, бренд или посакувана перцепција во светот, како влијателна, политички стабилна, економски прогресивна, доверлива, почитувана, толерантна, безбедна и, пред сѐ, држава достојна на вредностите од своето бесценето наследство?
Можеше ли Украина, барем, во изминативе три децении од својата независност да направи нешто повеќе за себе, и наместо други да испишуваат писанија за неа, самата таа да си содадеше сопствена приказна за себе и самата да си ја одредеше својата судбина?! Не само што можеше, туку Украина МОРАШЕ да го направи тоа!
Еве само дел од спектарот вредности со кои можеше да се брендира, силно да блесне и да му се наметне на светот како модерна и моќна држава.
Како држава наследничка на дел од културата на Скитите, можеше да создаде своја приказна за „најголемата житница во античкиот свет“ и уште поатрактивна приказна за бесценетата колекција од филигрански изработеното „скитско злато“.
Можеше да изгради и свој препознатлив имиџ преку наследството на историјата на Хазарите, но, пред сѐ, со„Хазарската мисија“ на светите солунски браќа Кирил и Методиј во Херсон, каде што се случило и масовното покрстување на Хазарите.
Можеше да создаде сопствена моќна приказна за Киевската лавра, најстарото православно светилиште на Словените од Истокот од времето на Јарослав Мудриот, кое и денес претставува првокласно светско културно наследство.
Украина можеше и преку легендите за славната и автентична култура на Козаците и нивните херојски борби со Турците да создаде своја препознатлива културно-историска приказна. А преку приказната за украинскиот национален романтизам на Тарас Шевченко, преку антологиските дела на Гогољ или преку креирањето поп-култура поврзана со маестралното книжевно наследство на Михаил Булгаков (инаку роден киевјанец) можеше да заокружи ретко вредна и светски призната книжевна приказна.
Можеше да се брендира и преку сопствена музичка приказна, имајќи ги брилијантните композитори Чајковски или Игор Стравински, или да се ребрендира по веќе исцртаните линии на геометриското апстрактно сликарство создадено од таткото на супрематизмот во ликовната уметност Казимир Малевич, исто така, роден киевјанец?!
Украина можеше силно да се позиционира на меѓународната туристичка мапа, поседувајќи ги исклучителните природни културни убавини на Одеса или Крим, а уште потрајно да се позиционира на светската спортска мапа потпирајќи се врз славата на своите славни спортисти, како што се: Сергеј Бубка, Андриј Шевченко или браќата Кличко, на пример.
Украина, една тажна песна на сто начини
Да се поседува сево ова богатство, без да се успее во создавањето препознатлив и привлечен државен бренд и во создавањето моќна културна дипломатија која ќе го промовира и истовремено ќе привлекува странски инвеститори, туристи, студенти, уметници и спортисти од цел свет, е навистина непоправливо трагично.
Трагично е затоа што Украина дозволи толку долго време во очите на целиот свет да остане запаметена само по хаваријата со нуклеарната централа во Чернобил, по „Портокаловата револуција“ од 2004 година, по „Крвавиот Мајдан“ од 2013 и 2014 година, по проруските протести и анексијата на Крим, по единствената војна што од 2014 година се води на европско тло, или по тривијалните испади во време на американските претседателски избори во 2020 години, кога беше спомнувана како држава во која се можни секакви коруптивни и други нелегални зделки.
Денес, оние Украинци што ги разбираат значењето и моќта на брендирањето и меката моќ на културната дипломатија, можат само силно да жалат за сите пропуштените шанси Украина вистински да блесне како „модерна, динамична, слободна и разновидна земја“, како што посакуваа во една реклама од 2019 година и во која, за жал, не успеаја!
Украина не успеа во метаморфозата, од фазата на гасеница во средината на 19 век, кога силно се буди украинската национална свест, преку фазата на кожурец во децениите на советското владеење кога се создава, и покрај советскиот отпор, посебен украински идентитет, па до независноста во 1991 година, кога беа потребни само неколку минути да се трансформира и да се вивне во своите сино-жолти височини како ретко убава пеперутка.
Дали Украина можеше сама или во потесна културна соработка со Русија да се избори за своја препознатлива и автентична културна приказна која ќе комуницира на рамноправна основа, која ќе привлекува и ќе ја удвојува привлечната моќ на двете заемно поврзани и блискососедски култури?!
Дали можеше поенергично и бескомпромисно во својата определба за остварување на западните културни вредности, побрзо и порешително да расчисти со крајно бирократизираниот и корумпиран систем наследен од советската ера?!
Дали можеше силно разбудената демократската волја за промени да ја искористи за вистинско, брзо и решително демократизирање на институциите и вистинско владеење на правото, преку брзи и решителни резови на тесните грла од судскиот систем, низ кои неказнети поминуваа крупниот криминал и корупцијата?! Секако дека можеше, ако со сопствени демократски средства и напори, избереше вистински реформски посветени политичари кои бескомпромисно ќе ги применуваа посакуваните западни вредности дома! И, секако, политички водачи, кои ги поседуваат, кои ги познаваат и кои ги ценат вредностите на сопствената култура и ја почитуваат културата на другите!
Трагедијата на денешна Украина, секако, не е вина само на денешната генерација Украинци и на нивната актуелна политика и дипломатија. Во актуелната украинска војна својот пораз го доживеаја и руската и американската и западноевропската политика и дипломатија, а, пред сѐ, нивните културни дипломатии.
Западните културни дипломатии со чија неодоливо привлечна моќ во промоцијата на правата и на слободите на граѓаните, беше срушена некогашната Железна завеса поставена помеѓу „демократскиот Запад“ и „комунистичкиот Исток“, по победата во Студената војна заспаа на ловориките од „остварениот американски сон“ длабоко на Истокот од Европа. Наместо стрпливо и постојано да им помагаат на украинските институции тие да се реформираат и потоа самите да креираат демократски амбиент во кој ќе заживеат вистински посакуваните слободи и права од Западот, Украина ја направија полигон во кој со периодични преврати и крвави протести се „извезуваше демократија“, на индолентен начин, надмено и со двојниот аршин на стапот и морковот. Во, исто време, културните вредности кон кои толку многу се стремеше украинскиот народ, западните културни дипломати ги оставија настрана без да се потрудат, макар малку, да ги приспособат кон специфичниот социолошки и културолошки контекст на Украина. Затоа крајот на доминацијата на западната културна акција, толку инфантилно се сведе на повлекување на некогаш култните западни компании: Мекдоналдс, Хајнекен, Диор и Витон… Каков антологиски пад на една некогаш колосална културна дипломатија и какво непоправливо непознавање на духот и на битието на народите и граѓаните од словенскиот Исток?!
Наспроти нив, руската културна дипломатија, и покрај силните заложби за модернизирање во содржините и во пристапот за подобрување на разнишаниот имиџ, најмногу во државите од поранешното советско влијание, во суштина не промени ништо на подобро. Таа, можеби стана поконкурентна во светскиот информативен простор, доминантна во лавиринтите на најновата дигитална дипломатска акција, но наместо стрпливо создавање и негување на пријателски наклонет амбиент, не се надмина себеси и не го стивна ни за нијанса стариот империјален тон во културата, од времињата на царска Русија и од времињата на Советскиот Сојуз. И нивниот, како и западниот дипломатски пад во Украина е антологиски, па дури и уште повеќе: рускиот заврши со тенкови, на кои никој од некаква силна насушна потреба за руската култура, не им се фрли во прегратка со цвеќиња в раце за нивно „добредојде“.
А еден ден, токму руската, американската и западноевропската дипломатија, кои сино-жолтите украински перспективи ги обоија во три бои црно и со кои на подолг рок ја закопаа и ја запечатија судбината на Украина како држава, ќе седнат на дипломатска маса и ќе продолжат со нови писанија да го прекројуваат светот и да го дефинираат веков. Во тоа ново прекројување, по примерот на Украина, слично ќе поминат и државите што не успеаја да го надминат „вазално-зависното“ во себе и достојно да му се наметнат на светот, без оглед на својата актуелна моќ, позиција и големина, со своја сопствена мудро осмислена приказна и визија, во кои непоколебливо ќе бидат вградени, зачувани и осовременети трајните вредности од својата култура, за кои иднината нема свои соодветни вредносни замени.
П.С. Случајно да не ја препозна некој во приказнава Македонија?!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.